Во многу училишта во земјава веќе течат подготовките за двете тестирања
Ученичките во Македонија досега покажале подобри резултати од учениците на меѓународното тестирање ПИСА. Подобри постигнувања имаат учениците со самодоверба, оние чии родители завршиле високо или средно стручно образование, оние што во претшколската возраст поминале барем 2-3 години во градинка, семејствата што имаат многу книги дома, покажале анализите на Државниот испитен центар, спроведени во пресрет на 2021 година, кога ќе бидат одржани меѓународните тестирања ПИРЛС и ПИСА.
Во многу училишта во земјава веќе течат подготовките за двете тестирања. Од Министерството за образование и наука велат дека на овие тестирања се покажува практичната употреба на стекнатото знаење во непознати ситуации.
- Веќе посветено и активно работиме со наставниците, учениците и со директорите на училиштата кои се клучот до успехот. Спроведени се обуките на одделенските наставници на четвртоодделенци кои ќе бидат опфатени со тестирањата ПИРЛС во 2021 година и обуките на наставниците од средните училишта за ПИСА тестирањето идната година, кое ќе биде пробно и ќе се спроведе електронски - нагласи Царовска.
Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, рече дека овие меѓународни тестирања се референтен извештај за квалитетот на образованието.
- Учениците што денес се тестираат утре ќе бидат граѓани на Европската Унија – рече Наумовска.
Бети Ламева, координаторка за меѓународни тестирања во ДИЦ, ги претстави досегашните резултати на тестирањата. Македонија на ПИРЛС првпат учествувала во 1998 година, па во 2001, па во 2006 година. По 15 години, Македонија повторно ќе учествува. На ова тестирање се утврдува колку учениците во 4. одделение читаат со разбирање.
- Тоа се текстови подолги од вообичаените. Откако ќе ги прочитаат, се решаваат тестови со логика и поврзување – објаснува Ламева.
ПИРЛС ќе се одржи во април и мај, а ќе бидат опфатени цели одделенија од 150 училишта. Ќе бидат тестирани околу 4.000 ученици кои со молив ќе ги решаваат тестовите на хартија, на македонски и на албански јазик.
На ПИСА Македонија првпат учествувала во 2000 година, а потоа во 2015 и во 2018 година. Ламева вели дека на последното тестирање Македонија, заедно со Турција, покажала најголем скок по постигнувањата по сите предмети.
Фото: Влада
- На ПИСА се тестираат ученици до 15 години, а најголем дел од нив се во прва година средно. Но, на тестот се покажува какво знаење стекнале учениците во основното образование. Се тестираат нивните знаења по мајчин јазик, математика, физика, хемија и по биологија. Но, не тоа што го научиле, туку како стекнатото знаење го променуваат во непознати ситуации. Со оглед на тоа што на досегашните тестирања поголем успех покажале девојчињата, треба да се работи на намалување на разликата меѓу половите – вели Ламева.
На ПИСА-тестирањето ќе бидат тестирани 3.000 ученици од 50 средни училишта во земјава – гимназии, стручни и уметнички. Царовска рече дека врз основа на критичко размислување и примена на стекнатото знаење во секојдневниот живот ќе бидат засновани и реформите во основното образование во земјава. Таа потенцираше дека секој од нас го сака најдоброто за децата, односно сите се стремиме тие да бидат на исто рамниште на знаења и способности со најдобрите во светот, а резултатите од меѓународните тестирања да станат наша национална гордост.