На оценката не треба да влијаат ни однапред формираните впечатоци на наставникот за учениците. Се случува учењето од далечина да им одговара на некои ученици што претходно постигнувале послаби резултати, а сега може да изненадат со квалитетот на своите трудови, стои во упатството за оценување
Наставникот може да користи различни методи при оценувањето на учениците, но ако има драстична разлика во она што го постигнувал ученикот во училница со резултатот што сега го постигнува онлајн, тогаш наставникот може да му даде уште еден тест за да биде резултатот што повалиден, појаснуваат во Бирото за развој на образованието - БРО за правилата за оценување во услови на пандемија кои ги доставија до наставниците.
Надлежните подготвија упатство за оценување кое треба да го користат наставниците при проверката на знаењата. Дали новите правила ќе го запрат подарувањето оценки или, пак, уште повеќе ќе им се прогледува низ прсти на учениците?
Многу често, години наназад се кометира дека пред крајот на полугодието односно на учебната година, наставниците пиишуваа оценки кои реално не беа заслужени. Дали сега со новите правила тоа би се запрело или уште повеќе ќе се прогледува низ прсти?
Кога има големи разлики во оценките
- Предвидени се средби со физичко присуство на кои учениците треба да се тестираат, но поради влошувањето на епидемиолошката состојба, а за да се заштити здравјето на учениците и на наставниците, доставиме допис до сите училишта со препорака оценувањето да се одвива на далечина преку платформата на која се изведува наставата. Оние наставници што не можат да утврдат оценки, можат да организираат средби на кои ќе ги видат постигнувањата и ќе утврдат оценка - информираат во Бирото.
Оливер Станојоски, советник во БРО, за Факултети.мк и Деца.мк вели дека наставникот може да користи повеќе методи на оценување.
- Ако има разлика во резултатот што го постигнувал ученикот со физичко присуство и оној што го постигнал онлајн, и ако наставникот се сомнева во веродостојноста на резултатот, тогаш тој може да го провери знаењето на ученикот со уште еден тест. Тестирањето со физичко присуство не е задолжително зашто е лоша епидемиолошката слика, па затоа препораката е учениците да се оценуваат онлајн - вели Станојоски.
Што ако децата имаат различни ИТ-уреди за време на тестот?
Во документот посебен акцент е даден на објективноста и на транспарентноста, односно непристрасноста при формирањето на оценката.
„Објективноста на оценките се обезбедува ако доследно се почитуваат однапред изготвените конкретни критериуми за оценување (дефинирани критериуми за есејски прашања, еднозначни одговори кај тест-задачи) и нивна доследна примена од страна на наставникот. Ако однапред се споделат со учениците и со родителите рубриките за оценување на проект или есеј или бодовната листа за куси есејски одговори, ќе се зголеми и довербата на учениците и родителите дека оценувањето е објективно. Објективното оценување истовремено е и непристрасно/правично (на оценката не влијаат други фактори кои не се поврзани со она што се оценува, на пример: пол, социјално потекло). Меѓутоа, во оценувањето од далечина ако сите ученици немаат еднакво добри електронски уреди, тоа може да влијае врз квалитетот на задачата (на пример: некои имаат компјутер, а некои само мобилен телефон), па затоа задачите за сумативно оценување треба да бидат такви што да не им даваат предност на тие што имаат подобри уреди (на пример: техничкото презентирање да не биде критериум или сите да го решаваат тестот на ист начин – или на хартија или на компјутер)“, е наведено во упатството.
Исто така, се вреднуваат квалитетот и редовноста на решавањето на домашните задачи од страна на ученикот. Притоа, мошне важно е наставникот да дава соодветни повратни информации за домашните задачи во кои ќе објасни што е добро и каде постои можност за подобрување.
Иле Михајловски, одделенскиот наставник во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе, вели дека оценувањето и објективноста на оценката зависи од самиот наставник.
- Има дигитални алатки со помош на кои се формираат тестови кои се решаваат во реално време. Но, за тоа е потребно повисоко ниво на познавање на информатичка технологија. Има тестови во форма на квизови, кои на крај покажуваат колку точни одговори и колку бодови има освоено ученикот. Тука може да се прилагоди концептот на оценување, но зависи сепак од наставникот колку има познавања да искреира тестови. Во однос на објективноста, нема наставник што не си ги знае своите деца. Ако едно дете не ја знае граматиката низ домашните работи што ги пишува, како може да ја знае граматиката на тест и да освои 100 бодови? Во тој случај, наставникот ја влече средината. Оценката не се однесува само на тестот, таа е збир од знаење на час, редовност во домашни задачи, градација на самите домашни задачи, активност на часот - вели Михајловски.