Средните уметнички училишта во земјава добија согласност од владината комисија да ја реализираат наставата по стручните предмети со физичко присуство. Тоа се: државното музичко училиште во Битола, Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Тетово, Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип и Државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ од Скопје.
Како ќе се реализира наставата и дали се исправени пред посебни предизвици, ги прашавме директорите на некои од овие училишта.
Уметничко училиште „Лазар Личеноски“
Директорот на средното уметничко училиште во Скопје, Димитар Филиповски, истакна дека добиле дозвола за реализирање настава со физичко присуство само за стручните часови.
- Задоволни сме со одлуката бидејќи тоа е повеќе од 50 отсто од наставата кај нас. Часот ќе си изгледа исто како и досега, со тоа што учениците и професорите ќе мора да носат маски и почесто ќе се врши дезинфекција. Часовите се скратени на 35 минути. И, секако, ќе биде запазена дистанцата од 1,5 метар - вели Филиповски.
Предност на ова училиште е што паралелките се мали. Мултимедија е убедливо најатрактивна насока во последните неколку години во училиштето „Лазар Личеноски“.
- Ова веќе станува „проблем“ бидејќи голем број од апликациите се за оваа насока, а ние примаме само 12 ученици. Така што, само најдобрите успеваат да се запишат - вели Филиповски.
На прашањето како ја гледа платформата за учење во новата учебна година, Филиповски додава:
- Во принцип секој новитет кај нас се дочекува на нож. Ќе биде потребно време и работите ќе си легнат на свое место.
Во средните музички училишта наставата се одвива доминантно групно, но и индивидуално.
- Важно е часовите по изучување на музичките инструменти да бидат во живо. Инструменти каде што треба да бидеме највнимателни се дувачките. Тие ученици ќе бидат на дистанца за време на часовите, училниците ќе имаат и паравани, поради дувањето, плунката, кивањето. Факт е дека сите школи се стремат кон физичко образование, но и ова што ни е одобрено е во ред. Мораме да се приспособиме - вели Новица Соколовски, директор на училиштето „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово.
„Тодор Скаловски-Тетоец“
Тој додава дека во ова училиште најголем интерес постои за изучување на пијаното. Вчера Владата им дозволи и физичка настава и во основното музичко училиште од второ до деветто одделение во Тетово.
- Се дава согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците од прво до деветто одделение, со подготвен план од училиштето само за индивидуална настава за избраниот инструмент, со согласност на родителот и со почитување на заштитните епидемиолошки мерки пропишани во протоколот за настава со физичко присуство. Не се дава согласност за наставата со физичко присуство за учениците по теоретските предмети, солфеж, хор, оркестар и хорско пеење - стои во одлуката.
Музичко-балетскиот училиштен центар од Скопје е единственото средно уметничко училиште каде што се изучува балетската уметност. Балетскиот оддел располага со четири сали, од кои секоја е со големина од 200 квадратни метри, објаснува Слаѓана Спасеновска, одговорна професорка за овој оддел.
- Наставата по балет ќе се реализира редуцирано по 2 до 3 пати во неделата, со физичко присуство, поради протоколите, просториите и времето за реализација. Како и во сите училишта, часот ќе трае 35 минути. Кај нас часовите се секогаш блок-часови и ќе траат 1 час и 10 минути. Секоја група влегува во различен термин, по претходно направен распоред. За влез во училиштето е задолжен предметен наставник. Влезот со чевли е забранет, а училиштето има обезбедено калци. Секоја група во свој термин влегува во сала. Групите имаат по најмногу 12 ученици. Салата е обележана за држење дистанца од 1 до 2 метра. Учениците ќе носат маски. За среќа, на почетокот наставата не им е многу тешка, па нема да им сметаат. Ќе се избегнува секаков контакт, секој ученик ќе вежба самостојно и ќе се запази таа дистанца. По завршувањето секоја група во свој термин излегува од училиштето - објаснува Спасеновска.
Таа додава дека ќе се избегнуваат вежби и етиди во кои има физички контакт помеѓу учениците.