X
 07.06.2019 Образование

Средното уметничко „Лазар Личеноски“ одбележува 75 години

Со донесувањето на одлуката, на 1 декември 1944 година беше донесено решение за назначување на Никола Мартиноски за директор на школата

Со годишна изложба на учениците и дела од професорите, модна ревија и настап на групата Day off next generation, вечерва во 21 часот средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ ќе одбележи 75 години од основањето.
„Кога одново дојдов во допир сo мојот роден крај, кога возбуден застанав пред нашиот полн со бои македонски пејзаж, кога сериозно се загледав во нашето средновековно сликарство и во нашиот богат фолклор, тогаш мојот уметнички свет стана Македонијa“, се зборовите на доајенот Личеноски, основоположник на македонското современо сликарство.

Фото: ДСЛУД „Лазар Личеноски“

Ќе бидат отворени изложба на ученички творби, на дела од професори во училиштето, модна ревија на ученички креации од одделот дизајн на текстил, под раководство на професорката Лира Грабул и надворешниот соработник Раде Василев.

Иницијативата за основање уметничка школа во Македонија ја покренале ликовни творци од афирмираната генерација по Втората светска војна. Президиумот на АСНОМ го прифатил предлогот за основање Државна художествена школа во Скопје со два отсека: художествен и учителски.
„Со донесувањето на одлуката, на 1 декември 1944 година беше донесено решение за назначување на Никола Мартиноски за директор на школата. За предавачи беа назначени: Лазар Личеноски, Борко Лазески, Димитар Тодоровски, Василие Поповиќ-Цицо, Тома Владимирски и Здравко Блажев. Президиумот на АСНОМ одлучи со отворањето на школата истовремено да отпочне и курс за оспособување на привремени наставници за цртање и калиграфија, потребни за основните училишта и гимназиите“, пишува во историјатот за школото.

Фото: ДСЛУД „Лазар Личеноски“

Приемните испити за првата генерација се одржале од 1 до 4 февруари 1945 година, а редовната настава почнала веќе на 5 февруари, во салата и читалниците на градската библиотека и во просториите на тогашното основно училиште „Гоце Делчев“ во непосредна близина на Друштвото на писателите на Македонија. Ова училиште се урнало при скопскиот земјотрес во 1963 година.

На крајот од првата учебна година во месец јуни завршиле 20 ученици на двата отсека на школата, од кои 12 посетители на курсот.

Целиот историјат на училиштето можете да го прочитате ТУКА

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование