Октомври пристигна, а стриминг-платформата „Нетфликс“ подготви многу нови филмови и серии за наредните неколку недели.
Во продолжение издвоивме неколку наслови што вреди да ги додадете на вашата листа за гледање.
„Платформата 2“ (The Platform 2)
Продолжението на популарниот хорор од 2020 година ќе има премиера на 4 октомври. Синопсисот вели дека нов водач го презел затворот, а новите затвореници ќе научат нови трикови за да преживеат или да избегаат.
„Браќата Менендез“ (The Menendez Brothers)
Многу брзо по објавувањето, крими-серијата „Чудовишта: Приказната на Лајл и Ерик Менендез“ ја освои публиката. Заплетот ги следи браќата Лајл и Ерик Менендез, кои во август 1989 година ги убиле своите родители, таткото Хозе и мајката Кити. Кога полицијата дошла во домот, браќата рекле дека биле на кино и го гледале „Бетмен“ за време на убиството. Случајот со браќата е едно од најпознатите судења во историјата на Америка. Ова убиство и судење до ден-денес ја фасцинира јавноста.
Сега „Нетфликс“ подготви и документарец во кој се прикажани телефонските интервјуа што браќата ги давале од затвор. Премиерата е закажана за 7 октомври.
„Осамена планета“ (Lonely Planet)
Во октомври доаѓа филм за љубителите на романтичните комедии. Премиерата на „Осамена планета“ со Лора Дерн и Лијам Хемсфорт е закажана за 11 октомври, а оскаровката глуми писателка која не може да ја заврши новата книга. Според трејлерот, Дерн и Хемсфрот ќе се вљубат и покрај разликата во годините.
„Адвокатот Линколн“ (3. сезона) (The Lincoln Lawyer)
Третата сезона доаѓа на „Нетфликс“ на 17 октомври. Станува збор за една од најпопуларните адвокатски серии која редовно се наоѓа на листата со 10. најгледани наслови на „Нетфликс“.
Адвокатот Мики Халер (Мануел Гарсија-Рулфо) води адвокатска канцеларија од задното седиште на неговиот автомобил „линколн“, преземајќи големи и мали случаи низ пространиот Лос Анџелес. Серијата е базирана на серијата бестселери на познатиот писател Мајкл Конели, а заплетот на третата сезона е базиран на петтата книга од серијалот „Адвокатот Линколн: Боговите на вината“
„Жена на часот“ (Woman of the Hour)
Филмот е режисерско деби на актерката Ана Кендрик, која ја има и главната улога во филмот. Сценариото е напишано од Иан Мекалистер Мекдоналд. Криминалната драма е инспирирана од средбата на серискиот убиец Родни Алкала и младата жена Шерил Бредшо во реалното шоу „Игра на состаноци“, каде што млади и слободни жени им поставуваат прашања на тројца мажи за кои одлучуваат дали сакаат да одат на состанок.
Родни Алкала бил гостин во емисијата во 1978 година откако убил петмина. Серискиот убиец се претставувал како успешен фотограф кој сакал да вози мотори и да скока со падобран, па на крајот од епизодата победи и отиде на состанок со Шерил Бредшо. Иако во реалниот живот Бредшо одби да излезе со Алкала затоа што го сметаше за морничав, приказната во филмот ќе оди малку поинаку.
„Дипломатот“ (2. сезона) (The Diplomat)
Политичкиот трилер „Дипломатот“ се враќа со втора сезона на 31 октомври. Заплетот ја следи кариерата на дипломатот Кејт Вајлер во американската амбасада во Лондон. Протагонистката го добива амбасадорскиот мандат во Лондон, но тоа има големо влијание врз нејзиниот работен и приватен живот. Сето ова се случува додека во заднина се одвива меѓународна криза.
По експлозивниот крај на првата сезона, наскоро ќе дознаеме што точно се случило по неверојатното финале.
Заплетот на втората сезона ќе го одбележи и доаѓањето на потпретседателката на САД, Грејс Пен.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube