X
 02.11.2018 Технологија

Инфлуенсер доби тужба затоа што не споделил доволно објави

Актерот и инфлуенсер Лука Сабат се соочува со тужба од компанијата за односи со јавноста на „Снеп Инц“, „ПР Консалтинг“, за наводно прекршување на одредбите од договор вреден 60.000 долари.

Инфлуенсер е термин кој во основа значи лице присутно на социјалните медиуми кое сака да заработи од тоа, на пример, преку земање пари за да промовира продукти или едноставно да биде видено како ги користи. За луѓето што се занимаваат со маркетинг, инфлуенсерите се супер опција.

Во овој случај, Сабат е обвинет дека не се ни трудел да ги испочитува одредбите од договорот.

Во тужбата е наведено дека Сабат, кој има 1,4 милион следбеници на „Инстаграм“, зел капар од 45.000 долари во рамките на договорот вреден 60.000 долари за промоција на продуктот на „Снап“ - очила наречени „спектаклс“. Во документите од „ПР Консалтинг“ навеле дека Сабат требало да направи четири оригинални објави: една објава на „Инстаграм“ и три сториња на истата социјална мрежа. Објавите требало да бидат направени за време на Модната недела во Њујорк, како и на модни ревии во Милано или Париз, а од Сабат дополнително се очекувало да позира за фотографирање носејќи „спектаклс“ за време на европските ревии.


Сабат објавил само едно стори и една обична објава, наведуваат од „ПР Консалтинг“, додавајќи дека тој требало да објави уште две сториња и да биде фотографиран најмалку еднаш со „спектаклс“. Од „ПР Консалтинг“ додаваат дека Сабат признал дека направил пропуст, но одбил да врати макар и дел од парите што му биле исплатени, додека од компанијата, пак, бараат враќање на капарот и дополнителна исплата од 45.000 долари како отштета, плус камата и трошоци за адвокати.

 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија