X
 11.09.2019 Живот

Германски турист добил тужба откако се пожалил за нацистички портрети во австриски хотел

Фото: Ullstein Bild/ullstein / Getty Images
Германецот Томас К. добил тужба од сопствениците на еден хотел со четири ѕвезди во Австрија. Тој со сопругата бил во хотелот во селото Герлос на тиролските Алпи. Откако се чекирале, на самиот влез во хотелот забележале слики на ѕидовите кои биле закачени над огромни цветни аранжмани. На едната бил прикажан човек во униформа со орел и свастика, а на другата постар маж. Користејќи го псевдонимот Томас К., тој една недела по посетата на „Букинг“ и на „Трип адвајзор“ напишал: „На влезот има слика од дедото нацист“.

Кога виделе дека на нацистите во тој хотел им се оддава и еден вид почест, Томас и неговата сопруга истакнале дека се шокирани.

- Поради тоа, се запрашавме што се обидуваат да ни кажат сопствениците на хотелот со таа слика. Инцидентот јасно ја открива моменталната состојба во овој регион на Австрија. За жал, нашата желба да прошетаме низ планинскиот регион целосно исчезна - истакнале тие.

Сопствениците на хотелот веднаш контактирале со двете страници и побарале отстранување на рецензијата бидејќи описот „наци дедо“, според нивните зборови, бил клевета, а луѓето на сликата - дедото и вујкото - биле членови на Вермахтот, вооружените сили на нацистичка Германија од 1935 до 1945 година.

Од „Букинг“, чија база е во Холандија, ја избришале објавата, но германскиот „Трип адвајзор“ одбил да го направи тоа. Со комбинација од бројот на резервацијата на „Букинг“ и рецензијата на Томас, сопствениците успеале да исконтактираат со гостинот и да покренат тужба против него во локалниот суд во Инсбрук.

Адвокатот на сопствениците на хотелот навел дека портретите стојат во лобито во знак на сеќавање на покојните роднини, што е обичај во руралните делови на Австрија. Сликата на вујкото во униформа била единствената слика што ја поседувале. Фактот дека Вермахтот бил јадрото на германската политичко-воена моќ не значи дека војниците во службата биле нацисти, тврдат сопствениците.

По кратко истражување на двајцата мажи на портретот, прегледувајќи ги фотографиите од германската национална архива во Берлин, К. успеал да докаже дека двајцата мажи биле нацисти, но сопствениците рекле дека не биле свесни за тоа.

Покрај евидентниот исход, судот пресудил во корист на тужителите. Било образложено дека рецензијата навестувала дека и сопствениците се симпатизери на нацистите и на нивните идеи. Судот навел дека интересот на сопственичката за заштита на нејзината репутација е поважен од правата на слобода на говор на гостите.

Судењето ќе продолжи подоцна оваа година, но како посебна парница во Германија, каде што К. тужел друг член на фамилијата поради вознемирување на телефон. Тој роднина му се заканувал и му наредувал да ја избрише објавата. Во меѓувреме и објавата на „Трип адвајзор“ е отстранета. Адвокатот на сопственичката истакна дека нејзината фамилија сепак решила да ги тргне спорните портрети од ѕидовите на хотелот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот