X
 18.10.2018 Наша тема

Како може да се крати од ништо? Реакции на научниците по скусувањето на буџетот за образование и наука

Не ми е јасно како се алоцираат пари за наука кога науката не добива ништо. Ние воопшто немаме средства за самостојни научни проекти. Со години. Како може да се крати од ништо, вели професорка од Природно-математичкиот факултет при УКИМ


„Длабоко сум несреќен“. Со овие зборови професорот Владимир Петрушевски, проректор за наука при најголемиот државен универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“, го коментира намалувањето на буџетот за образование и наука за речиси 1 милијарда денари.

Владата викендов го усвои ребалансот на буџетот. Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека се намалуваат пари за капитални инвестиции чија реализација доцни, се пренасочува буџет во фондовите за здравствено и за пензиско и инвалидско осигурување. Најголема алокација има за општините кои со ребалансот добија 3,020 милијарди денари.

Од буџетот за наука се скратени 1,7 милион евра

Една милијарда денари (околу 16 милиони евра) се скратени во МОН и тоа – 5,3 милиони евра за високо образование (од нив 1,7 милион евра за наука), 2,3 милиона евра за ученичкиот стандард, 1,1 милион евра за основно образование, а 950 илјади евра за средно образование. Министерот за образование и наука Арбер Адеми за „Алсат“ изјави дека ребалансот е развоен и се однесува на реалокација на средства за поддршка на инвестициски проекти.

На прашањето како го коментира кратењето на буџетот за наука, кој и онака беше оскуден, професорот Петрушевски вели:
- Бидејќи сум проректор за наука, јас сум длабоко несреќен – вели тој.

Професорка од Природно-математичкиот факултет при УКИМ вели дека ова само го покажува односот на држава кон науката, како таа се поддржува, па уште и се крати.
- Не ми е јасно како се алоцираат пари за наука кога науката не добива ништо. Ние воопшто немаме средства за самостојни научни проекти. Со години. Како може да се крати од ништо – вели таа.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов вели дека би се воздржал од коментирање на ребалансот и одразувањето на буџетот врз МОН, бидејќи беше назначен подоцна и воопшто не учествувал во креирањето и планирањето.

Актуелната состојба во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје

Со ребалансот, дополнителни пари се пренасочени за преводи и печатење на стручна литература (1 милион евра) и интеграции во Европската Унија (200 илјади евра). Скусени се 1,3 милион евра за изградба на нови училишта и 2,7 милиона евра за реконструкција и изградба на студентски домови. Дарио Николовски, актуелниот директор на Државниот студентски центар „Скопје“, вчера не успеа да најде време за Факултети.мк да искоментира како ова ќе се одрази врз состојбата на студентските домови што се под нивна надлежност.

Училиштето во кумановското село Бајловце

Според буџетот за 2018 година, делот за наука изнесуваше 425 милиони и 998 илјади денари, што е за 185 милиони денари помалку од лани. Тогаш универзитетскиот професор Александар Димитров, поранешен декан на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, рече дека парите за наука и досега биле премалку - ако се намалат дополнително, научноистражувачката дејност комплетно ќе замре. Според него, научниците се соочуваат со големи проблеми кога нема доволно пари, а тоа е погубно за младите научници, кои допрва треба да градат кариера.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема