X
 02.11.2023 Здравје

Поставени нови граници на телесната температура: Ова е вредноста над која сме болни

Повеќе не ни размислуваме за тоа. Сите знаеме и го имаме прифатено фактот дека температурата на телото до 37 степени е нормална и дека сме болни кога имаме повисока температура. Тоа е така веќе 150 години.

Дали е точно?

Новите истражувања посочуваат други вредности.

Стандардот од 37 степени беше предложен од германскиот лекар д-р Карл Вундерлих во 19 век. Тој собрал податоци од милион мерења направени од 25.000 поединци и открил дека температурниот опсег (кога биле здрави поединците) се движи од 36,22 степени до 37 степени. Утврдената вредност од 37 степени била аритметичка средина на сите мерења што ги направил. Потоа одредил друга граница, односно температурата по која се смета дека личноста има треска и ја поставил на 38 степени.

Меѓутоа, едно ново истражување кое ги анализирало податоците за телесната температура на повеќе од 126.000 луѓе помеѓу 2008 и 2017 година ја ставило под знак прашалник оваа вредност стара 150 години. Истражувањето покажа дека просечната температура на човечкото тело е 36,6 Целзиусови степени, што претставува значително отстапување од претходниот стандард.

Врз телесната температура може да влијаат неколку фактори.

Зошто постои оваа разлика и дали има некакви импликации за дијагностицирање и лекување инфекции?

Некои истражувачи веруваат дека разликата може да се припише на несовпаѓање во мерењето помеѓу методите што ги користел д-р Вундерлих и модерната медицинска практика. На пример, познато е дека д-р Вундерлих ставал топломери под пазувите за мерење на температурата, што може да даде различни резултати во споредба со денешните современи начини за мерење на температурата на телото.

Дополнително, на читањето на телесната температура може да влијаат и неколку фактори, како што се локацијата на мерењето, времето од денот, условите во околината и неодамнешната консумација на храна и пијалаци. Точноста на температурата може да варира од термометар до термометар, во зависност од нивната калибрација. Сето ова може да влијае врз разликите во овие мерења.

Дали навистина стануваме постудени?

Спротивно на тоа, некои експерти тврдат дека луѓето станале постудени во текот на изминатиот век. Постои истражување за температурата на телото кое тврди дека напредокот во здравствената заштита и целокупното здравје придонел за овој тренд. Подобрениот третман на инфекции, подобрената грижа за забите и развојот на лекови може да ја намалат инциденцата на воспаление со низок степен и последователно да ја намалат просечната температура. 

Како и да е, научниците се согласуваат дека 37 Целзиусови степени повеќе не треба да се сметаат за стандард за температурата на човечкото тело.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
6yka.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје