Неодамна во медиумите во регионот беше објавена вест за намерите на една босанска општина да престане да ги финансира политичките партии од буџетот предвиден за тоа, а парите да ги пренасочи за стипендирање студенти.
Општината Доњи Вакуф има околу 14.000 жители и буџет од околу 4 милиони конвертибилни марки (околу два милиона евра). Оваа општина покажа дека постои и поразлично однесување.
Одлуката беше предложена од страна на раководството на општината и наиде на позитивни реакции не само од јавноста, туку и од локалните политичари. Сега се чека само официјалното одобрение од Општинскиот совет. Градоначалникот Хусо Сушиќ истакнува дека очекува сè да се заврши во текот на следниот месец.
- Го чекаме почетокот на аплицирањето на студентите и кога ќе го завршиме тоа, а доколку има средства, ние со тие средства ќе ги финансираме сите студенти. Ако останат пари, нема да им ги даваме на партиите, освен за инфраструктура и нешто паметно - вели тој.
Сушиќ нагласува дека предлогот за финансирање студенти ќе помине на Општинскиот совет и дека сите советници ќе ја поддржат одлуката.
- Тоа го направивме свесно. Но, да ви кажам, јас ни претходно не им давав пари од буџетот. Јас им давав простории, ги финансиравме комуналиите, на пример, греењето и тоа се покриваше од грантовите. Можеме да кажеме дека тие добиваа малку, но сега нема да го добиваат ни тоа. Бидејќи оној што сака да се занимава со политика треба сам да си бара пари и да си ја финансира својата промоција на кој било начин - категоричен е градоначалникот.
Тој вели дека воопшто не е проблем дали советниците ќе го поддржат предлогот, но дека тоа сè уште не е завршено.
Хусо Сушиќ
Фото: Buka
Градоначалникот додава дека состојбата во Доњи Вакуф е алармантна кога станува збор за заминувањето на младите.
- Алармантно е поради тоа што ние тие деца ги држевме во работен однос како во робовладетелство. Им дававме 300-400 марки плата и нормално дека на луѓето им дојде преку глава и ја искористија првата шанса да си заминат. И нека одат, кога овие нашиве не знаат да ги задржат и да ги платат - вели Сушиќ.
Тој вели и дека е тешко да се каже дали стипендирањето на студентите е еден од начините за задржување на младите.
- Јас имам свои проблеми, своја општина, свој буџет. Јас ќе се приспособувам на состојбата во општината и ќе ги решавам проблемите како што најдобро умеам. Дали тоа е најдобро или не е, некој друг ќе оцени. Мојата цел е да не трошиме пари за џабе бидејќи буџетот на општината е мал и јас од една марка треба да направам две за да направам нешто - вели
градоначалникот и гордо додава дека минатата година во неговата општина 500 луѓе си нашле работа и почнале да работат.