X
 03.01.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со Александар Микиќ: „Додека мечтаев за голема улога, сфатив дека малата ќе ми избега од раце“

Се случувало и да преспиеме некогаш во МКЦ, па да дојдат тетките што чистат и да нѐ покријат со некое ќебенце така заспани, откако цела ноќ сме работеле и некаде пред да се раздени сме заспале, вели Микиќ

Откако ја исчистил првата година на Земјоделскиот факултет во Скопје, Александар Микиќ им го предал индексот на своите родители со зборовите: „Ако сакате, вие продолжете си, јас ќе одам на глума“. На тој начин Микиќ се одлучил да се запише на Драмскиот факултет во Скопје, на кој дипломирал во 1992 година во класата на професорот Димитрие Османли.

Александар Микиќ е едно од нашите најнаградувани актерски имиња. Тој од 1997 година е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, а паралелно со илјадниците одиграни претстави во изминативе 25 години има и низа филмски улоги. Најактуелен ангажман на големото платно му беше на последниот филм на режисерот Милчо Манчевски - „Кајмак“, каде што ја игра улогата на Карамба.

- Сакав да учам хортикултура и затоа се запишав на Земјоделски факултет. Таму сфатив дека со хортикултура ќе се занимавам само една година од целото студирање и некако ми се виде како губење време, не ми се виде креативно. Јас си замислував дека таму ќе учиме да калемиме цвеќиња, ќе вкрстуваме, но ништо од тоа. Останав една година, фатив услов за втора година, по што се решив да го напуштам и да одам на глума – се присетува Микиќ.

 

Како средношколци спиеле во Дом на млади спремајќи претстава

Иако не потекнува од актерско и воопшто од уметничко семејство, Микиќ уште како мал плеткал прсти во школските претстави и приредби, покажувајќи афинитети кон сцената. Веќе како средношколец со група истомисленици оформиле театарска група која ја нарекле „Чвор“ и со која практично живееле во тогашниот Дом на млади (МКЦ) за време на подготвувањето на претставите. Тоа било театарска група на млади луѓе кои сами пишувале, режирале и сами си играле во претставите.

- Татко ми беше доктор, а мајка ми професор по македонски јазик. Фамилијарно немам допирна точка со глумата и уметноста, но сепак кај нас откако паметам за себе, 24/7 свиреше радиото.  

Во средно школо, во „Корчагин“, имавме театарска група. Тогаш беше многу популарен МОТ. Одевме често на претстави и бевме една бунтовна генерација која сакаше своите идеи, мисли и гледања на светот да ги изрази јавно и некако театарот ни се виде најпогодно место за тоа. МКЦ во тоа време ни излезе во пресрет, ни даде простории, ни рече вежбајте, правете што сакате  – вели Микиќ.

Со „Чвор“ во еден момент станале толку популарни, што имале и редовен репертоар. Имале претстави што ги играле и по 15-20 пати бидејќи публиката сакала да доаѓа да ги гледа во тогашниот Дом на млади.

- Се случувало и да преспиеме некогаш во МКЦ, па да дојдат тетките што чистат и да нѐ покријат со некое ќебенце така заспани, откако цела ноќ сме работеле и некаде пред да се раздени сме заспале. Во тоа време многу се одеше и во кино. Телевизија немаше многу. Имаше само два канала, прва, втора и толку. Јас како дете многу бев навлечен на партизанските филмови, од партизанска ескадрила „Бошко Буха“, „Сутјеска“. Беа толку популарни што знаевме реплики од филмовите и ги употребувавме во разговор меѓу себе - додава Микиќ.

 

Упис на ФДУ

Преку Млад отворен театар (МОТ) Микиќ имал можност да ги види театрите од поранешна Југославија и пошироко и да види како тие работат. Тој признава дека многу претстави не ги разбирал бидејќи биле алтернативни, но некако имал порив да биде дел од нешто такво. Тогаш почнал да ги следи и претставите во нашите театри - Драмски и МНТ.

- Првпат кога се решив да одам на приемниот на ФДУ, го викнав Нино Леви со цел да ме спрема за приемен и тоа на неколку дена пред уписот. Откако ме виде Нино, ми рече: „А да си се спремиш ти за догодина, за да не си го расипеш впечатокот уште сега“. Многу мислев дали да се појавам или не на тој приемен испит и сепак се одлучив да чекам до следната година. Следната година уште во февруари бев спремен со монологот, песната што се бараше и имитација, значи сѐ комплет, а ми фалеше само таа задолжителна песна што ја даваат и треба да ја научиш – кажува Микиќ.

Во пресрет на уписот, Микиќ повторно побарал помош од актерот Нино Леви, кој го гледал неговиот перформанс за да види дали е подготвен и добил потврда дека може да оди на упис.

- На ФДУ тогаш главно беше да не кажеш дека си играл претходно, дека си табула-раса и дека доаѓаш тука за тие да те научат.  Кога го   кажував монологот, а потоа и песната по избор, некаде пред моментот да ја почнам  задолжителната песна, Мони Дамевски викна: „Јас го  имам гледано него на аматерски смотри во една претстава“. Мене ми се стемни. Сепак, тоа добро помина и  тогаш ми рекоа: „Ајде слободен си“. Реков: „Како слободен, а задолжителната песна? Ми рекоа: „Нема потреба“.  А јас  велам: „Па како нема потреба, ја учам два месеца?“ Тогаш сите се насмеавме, се создаде убава атмосфера и ми дадоа да кажам два-три стиха. Потоа влегов во втор круг, таму пак филтер и ме примија и продолжив на ФДУ – објаснува Микиќ.

 

Прво професионално искуство и деби во МНТ

Кога гостувал познатиот словенечки режисер Вито Тауфер, Микиќ и неговиот колега и пријател, актерот Јордан Симонов ја добиле можноста да учествуваат на нивната прва професионална претстава.

- Тоа ни беше прво професионално искуство и добивме многу убави хонорари и баш се сеќавам со Јоцо си велевме „леле колку се плаќа како студенти, којзнае како ќе биде кога ќе бидеме професионални актери“. Тогаш бевме многу амбициозни. Бевме статисти, а Тауфер рече дека во животот не видел толку амбициозни статисти. Тој ни ги прошири задачите и тука се калевме – вели Микиќ.

Веднаш по дипломирањето Микиќ добил улога во „Народен пратеник“, во режија на Димитрие Османли. Дебито во МНТ му било како замена во последен момент во друга претстава, додека ја работел „Народен пратеник“.  

- Тогаш, желен за големи улоги, се мрштев зашто имав толку мала улога. Дури потоа сфатив дека додека мечтаам за голема улога, малата ќе ми избега од раце. Тогаш почнав да ги ценам малите улоги. Бидејќи за месец, месец и пол имаш време да направиш нешто малечко, да го избрусиш и усовршиш, додека другите треба да направат нешто посложено. И така почнав од малите улоги да правам големи ликови што ќе се паметат. Така се избрусив како актер – објаснува Микиќ.

 

„Од филм многу се плашев“

За разлика од театарската сцена, каде што се чувствувал комотно, на почетокот на кариерата филмот за Микиќ претставувал голема непозната која му влевала страв. Меѓу првите негови поголеми филмски улоги е во нашиот најуспешен филм „Пред дождот“.

- Од филм многу се плашев. Не од камерата, туку од самиот процес. Нашата академија тогаш така беше конципирана - да те спреми само за театарот. Немаше ни опрема ни слично за да се видиш на екран, па да научиш, да поправиш и сл. За театарска претстава се спремаш месец, месец и пол, текст, анализа на лик, мизансцена, па дури и по премиерата имаш шанса да се поправиш и надградиш. За филмот тогаш така мислев, дека еве го сега ќе нѐ снима и толку, тоа останува така за вечни времиња. Играв во „Македонска сага“, каде што тој страв од камера се покажа кобен за мене. Дури и мислев дека си ги прокоцкав сите шанси за филм понатаму. Бев некако изваден од памет на камера, а тоа не можеш да го скриеш. Се гледа - додава Микиќ.

Иако уште како млад глумец Микиќ добивал совети да си најде одреден стил на глумење, кој ќе функционира и ќе си го употребува постојано, сепак, тој до денес се труди да еволуира како глумец и да биде различен. За разлика од почетоците, тој веќе не се плаши од филмот и камерата, напротив, отворен е кон секоја улога што следува, како што се покажа и во неговата најнова улога во „Кајмак“.

- Сакам да внесувам промени и сакам да истражувам до каде можат да ми одат границите. Ако мене ми е дадена можноста да се трансформирам, зошто да не ја искористам? Секогаш се обидувам да внесам нешто ново во секој лик, макар биле тоа и детали. Најубаво ми е кога играм ликови кои не се блиски со мене, со мојот карактер. На тој начин можам да бидам некој друг на сцената – завршува Микиќ.

Фото: МНТ

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема