X
 16.08.2024 Наша тема

По скалилата на успехот со Борче Стаменов: „Сакав да докажам дека се доволни една идеја и еден човек за да се поместат работите“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Борче Стаменов пишува една од најхуманите приказни на денешницата. Од неговата желба да помогне секој да има компјутер се создаде иницијативата „Донирај компјутер“. Неговата замисла доживеа неверојатна експанзија и сѐ повеќе луѓе и фирми му ги донираат своите дотраени компјутери, па така сѐ повеќе деца, млади и загрозени семејства добиваат компјутер. Досега има донирано 3.000 компјутери, а неговите цели се поставени многу повисоко.



Уште од многу мал сакал да работи со компјутери, а во трето одделение веќе се запишал на информатичка секција.

- Првите команди поради кои моето име се вртеше до бескрај на зелено-белиот екран за мене беа чудо. Оттаму и потекнува желбата за работа со компјутери и ИТ-технологиите воопшто. Секцијата по информатика ја посетував речиси една година пред да биде укината и бев доста успешен. Во средно јас бев тој што цело време се врткаше околу единствениот компјутер во кабинетот по информатика. Кога завршив средно, летото се вработив во еден локален интернет-клуб. Тогаш си го купив и првиот компјутер, сам, на рати. Планот за понатаму беше факултет. Токму во тоа време кога се запишав на Информатика и педагогија во Битола, се разболив и имав многу тешка операција на мозокот. Ми требаше многу време да се вратам во колосек и затоа високото образование го оставив за подобри времиња - ни раскажува Борче.



Учел од колегите програмери

Неколку месеци по долгото боледување се вработил во компанијата каде што и ден-денес работи – „Бидат информатика”.

- Се вработив како графичар/дизајнер бидејќи претходно посетував курс по „Фотошоп“. Но, како и во секоја приватна фирма, работните задачи се ширеа во зависност од потребите и некој требаше да ги извршува. Нашата компанија се занимава со изработка на книговодствени програми. Во исто време се појавија и фискалните апарати, за чија продажба ние бевме застапници за Кавадарци и Тиквешијата, па за брзо време научив да ги сервисирам. Постепено од колегите програмери учев и понекоја команда која беше потребна за да може да се одржува и програмата што ја продававме. Денес можам слободно да кажам дека можам да ја извршувам секоја задача или позиција во компанијата или со други зборови - станав незаменлив – ни споделува Стаменов.



Низ нашиот разговор се присетува на неговото прво работно искуство.
- Имав среќа да работам во одлична работна средина каде што сите бевме, пред сѐ, луѓе, пријатели, колеги. Можев и ги прашував за сѐ што не ми беше јасно. Така, со голема леснотија и разбирање ги совладував сите задачи што ми беа задавани. Како работник сум доста посветен и инаетчија. Ако нешто решам да го направам, ќе го направам, па макар и два дена да останам на работа. Имавме доста клиенти кои кога купуваа нова опрема, старата ја оставаа кај нас. Тука и се роди „Донирај компјутер“. По зборовите на една самохрана мајка која побара од нас половен компјутер за и нејзините дечиња да се радуваат како и сите други деца - се присетува Борче.



Од мала идеја до најхумана иницијатива на Балканот

Како што вели тој, „Донирај компјутер“ никогаш не бил замислен во формата што ја има денес.

- Тоа беше една мала идеја да се донираат триесетина компјутери кои ги имав собрано преку годините. Можам да кажам дека идејата беше тоа што ме истакна. Луѓето ја препознаа искрената желба да се помогне и идејата дојде во вистинско време. Во време кога буквално цел свет беше затворен дома и сите деца, ученици и студенти беа принудени да учат од далечина. „Донирај компјутер“ беше логичен одговор на целата таа ситуација. Може да кажеме дека за три години откако ја почнав иницијатива, успеав да соберам и да донирам околу 300 компјутери. Кога потребата се зголеми, „Донирај компјутер“ едноставно експлодира. Во првата година од пандемијата дониравме над 600 уреди, и тоа само за една година. И тоа е таа отскочна штица. Имаш иницијатива која е корисна за општеството и е од хуманитарен и едукативен карактер. Тука ќе го споменам и зелениот карактер, а тоа е оној момент кога ние собираме каква било опрема од физички и правни лица и не даваме да заврши на улица или по контејнери, туку паметно ја селектираме. Употребливото на една страна, а она на кое веќе му поминал рокот на употреба оди во компанија која се занимава со отстранување електронски отпад. Ние на некој начин сме дефиниција на тоа што значи циркуларна економија - вели Борче.



Успехот се должи на тоа што без трошење средства обединија компании, луѓе, здруженија и работат на иста цел - еднакво и поквалитетно образование за сите.

-Јас сум инаетчија по природа. Ако намислам нешто, тоа и ќе го остварам. Може да се каже дека „Донирај компјутер“ како иницијатива започна баш поради тој инает преку кој сакав на сите да им докажам дека се доволни една идеја и еден човек за тектонски да се поместат работите во општеството. Тоа е тоа што мојата иницијатива ја прави посебна. Денес таа иницијатива брои голем број волонтери. Денес имаме работилница во Кавадарци и во Скопје. Имаме и компанија, Дади компании, која ни донира одреден износ месечно за да имаме доволно да патуваме низ цела држава и да собираме донации. За партнер го имаме и „Нептун“, кој цела своја логистика ја става на располагање на „Донирај компјутер“. Секој што сака да донира каква било ИТ-опрема, треба само да ја достави до најблискиот салон на „Нептун“. Најверни поддржувачи ни се и карго-службата „Еко логистик сервис“, кои сите наши донации бесплатно ги доставуваат до крајните корисници низ цела држава. Потоа „Ми комерц“ од Кавадарци кои се грижат нашата картичка за патарини никогаш да не е празна и над 100 компании кои редовно ја донираат својата опрема кај нас. До овој момент имаме донирано 3.057 компјутери и опремивме со ИТ-опрема 55 кабинети во повеќе училишта низ државата - со големо задоволство споделува Борче.

„Донирај компјутер“ има и едукативен карактер



„Донирај компјутер“ бара време и енергија, но паралелно со неговата примарна работа Борче успева да постигне сѐ.

-Во компанијата каде што сум вработен имаат големо разбирање за ова што го правам. Нормално, секогаш приоритет им давам на работните обврски што ми се зададени таму. „Донирај компјутер“ бара доста ангажирање и многу време. Иако имаме многу волонтери, сепак, некои работи ги завршувам јас. Од договарање донации, распоред на обврски на волонтери, распоред на товарање и растоварање, пакување донации, објавување содржини на сите канали што ги имаме на социјални мрежи, одење на состаноци и нормално - правење компјутери за донирање, одговарање на пораки кои пристигнуваат на нашата фан-страница за донации и друго - вели Стаменов.

Најмногу го мотивираат цртежите на децата каде што луѓето од „Донирај компјутер“ се прикажани како суперхерои, но го мотивираат и волонтерите и оние што секојдневно донираат.



-Најпрвин ме мотивираат волонтерите, а потоа компаниите и луѓето кои секојдневно донираат, убавите коментари по социјални мрежи, дечињата и примателите на компјутери кои секогаш знаат да кажат благодарам, цртежите каде што ние сме прикажани како суперхерои и многу други работи. „Донирај компјутер“ има добиено и над 40 признанија и награди, меѓу кои и државната награда за унапредување на човековите права „Мето Јовановски“. Во „Донирај компјутер” доаѓаат едни од највредните и најхумани волонтери - Драган Ризов, Жике Коцев, Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов се волонтери со најдолг стаж. Тие се причината што иницијатива расте и се проширува. Без тие „деца“ немаше да стигнам каде што сум денес - истакнува Борче.



Има идеја да формира центар за рециклирање во иднина, но за тоа им требаат финансии и проект, па засега не можат да ја остварат.

-Во следниот период сакам да запнам уште посилно и да им докажам на сите дека идеите го менуваат светот, колку и да се мали. Мојата кариера веќе си го најде патот според желбата што ја имав како млад човек - да ѝ го пренесувам тоа што го знам на младата генерација. Со отворање на нашите врати за волонтери и практиканти веќе ми се исполни желбата да бидам учител, наставник, професор без разлика што не успеав да го завршам факултетот поради веќе споменатата причина. Покрај редовните волонтери, со потпишувањето на меморандумот за соработка со локалното техничко училиште „Киро Спанџов-Брко“ педесетина ученици веќе имаат поминато интензивен курс или биле на практична работа кај нас. Нивниот број секојдневно расте бидејќи и помлади што чуле за нас самоиницијативно се пријавуваат да доаѓаат и да помагаат. Најмладиот од нив има 12 години и можам да ви кажам дека моментално е во состојба сам да расклопи компјутер, да го состави, да го поправи, да инсталира и да го среди за донирање. Тоа значи дека сум успеал во намерата „Донирај компјутер“ да има и едукативен карактер – заклучува Стаменов.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема