X
 21.06.2024 Наша тема

По скалилата на успехот со Петар Горко: „Сцената лекува ако актерската професија ја доживуваш од дното на душата“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Кристијан де Невиет во претставата „Сирано де Бержерак“, потоа Магбет, Хенри Шести, па Хенри Осми од Шекспир, Тито во проектот на Бранко Брезовец... долга е листата со одиграни претежно главни улоги во театарската кариера на еден од најмаестралните актери на македонското и битолското глумиште - Петар Горко. Годинава навршува 3,5-децениска плодна работа на театарската сцена, која наесен ќе ја прослави преку заеднички настап со Камерниот оркестар од Битола. За овој период одиграл околу 100 улоги, 40-ина главни, 19 улоги само од Шекспирови дела, над 2.000 претстави. Без неговите остварувања Битолскиот народен театар би бил посиромашен за еден врвен актер кој секоја улога ја игра еднакво добро, внесувајќи се безрезервно, а со својот талент, харизма и посветеност ја воодушевува публиката.

- Триесет и пет години минати на сцена се како цел еден живот, полн со убавини, непријатности, трема и страсти, желби и надежи, разочарувања и доблести. Најважно, љубовта кон театарот не поминува, не се намалува. Уживам на сцената до ден-денес, а се надевам уште долги години - вели Горко.

Бабецот го поттикнал да оди во театар



Неговите почетоци водат кон единственото некогашно собиралиште на деца и млади во Битола - Пионерскиот центар „Трајче Магловски“. Од второ одделение бил во рецитаторската секција, па талентот му овозможил уште како дете да биде вклучен во настани со доајени на Народниот театар од Битола.

- Еден прекрасен период кој ме донесе до заеднички настапи со одредени актери по повод големи празници и Нова година. Едни од нив беа Петар Стојковски-Бабец и Јоана Поповска. Бабецот ме мотивира да дојдам во театар и очигледно тогаш се правеа големи масовни претстави каде што имаше многу статисти-деца и станав дел од речиси секоја претстава. Околу 200 претстави (настапи) имав додека се запишав на Академија. Театарот те обзема, се вљубуваш во него и ти станува дел од животот. Така се случи со мене – раскажува Горко.



Монолог од „Илијада“ долг една страница го кажувал во еден здив

Уште пред да стаса за упис, имал донесено одлука дека ќе студира на Факултетот за драмски уметности. Неговите родители не биле пресреќни со таа одлука, но тој бил убеден дека го избира правиот пат. Како студент му се менувале професорите - почнал во класата на Владимир Милчин, па Слободан Унковски и дипломирал кај Љубиша Георгиевски. Тоа му овозможило да учи од едни од најдобрите театарски режисери и професори по глума, не само во Македонија туку и во поранешна Југославија.

- Различни пристапи, методи, учења, но сето тоа не беше страшно затоа што мојата силна желба ме водеше напред, работев неуморно, се трудев, се докажував. Еве еден момент - го гледав Жарко Лаушевиќ во „Свети Сава“ на Милчин како кажува монолог со едно или два земања здив. Се воодушевив, почнав да вежбам. Тоа беше во трета година и по испит на сценски говор ја имавме задачата да одбереме монолог од „Илијада“. Мојот монолог беше една страница и научив да го кажувам во еден здив. Тоа беше големо достигнување тогаш. Повеќе за мене лично, малкумина го забележаа тоа, но за мене значеше дисциплина и одржување на говорниот апарат, кое и до ден-денес го негувам - вели Горко.



Се вработил во Народен театар Битола по само четири дена од дипломирањето

Иако му била желба да работи и да твори во Белград, дипломирањето се погодило со времето на распадот на Југославија. Истовремено се промениле и домашните услови, па не сакал мајка му да остане сама. Се вработил во Театарот во неговата родната Битола заедно со двете колешки Јулијана Стефанова и Валентина Грамосли. Дипломирале на 26 септември, а се вработиле на први октомври 1991, по само четири дена. Никогаш не зажалил што се вратил дома и во матичниот театар.
По толку одиграни улоги, вели дека се пронаоѓа во секоја од нив, некогаш повеќе, некогаш помалку, но зад сите стои со целaта душа и тело. Смета дека искреноста и љубовта се најважните нешта со кои допира до публиката.



Актерството е напорна, но благородна професија

- Театарот е живот, кој не е паралелен, туку е испреплетен со нормалниот живот. Учиш нонстоп, читаш книги, слушаш музика, секогаш со цел, за одредена улога. Многу често се случуваше да го променам мојот изглед, имиџ за некоја улога. Имаме благословена професија, чиста психотерапија, ако ја доживуваш искрено од дното на душата. Многу пати сцената лекува, треба да се искористи во најпозитивна смисла - додава Горко.

Признава дека театарската работа е претешка, доста напорна, се случувало по цел ден да има проби, а вечерта премиера, по две претстави во една вечер на гостувања или театарски проекти кои траеле со часови.



- Но, за голем работник не е страшно. Различни режисери со различен начин на работа, и временски и уметнички. Сме имале претстави кои буквално по цел ден сме ги работеле, проби со мали паузи за ручек и пак назад. Мачни, исцрпувачки, но генијални. Сепак, поголемиот број режисери работат наутро, а навечер е претставата. На пример, една година имав 13 претстави на репертоар, од кои во четири ја играв насловната улога, а во меѓувреме работев нови претстави. Исцрпувачки, бараше голема посветеност, концентрација. Особено ако имате две претстави од ист преведувач, може да ви се мешаат текстовите. Секако, во главата, а не на сцената – раскажува Горко.

Морал да игра претстави и кога најблиските му биле во болница

На сцена доживувал и најсреќни и најтешки мигови. Најсреќните се состоеле во добрите проби, одлично одиграната улога и аплауз од публиката. А најтешко му било кога син му како мал се разболил, итно го однеле на лекување во Скопје, а тој морал да се врати назад и да игра претстава. Тогашниот директор му рекол: „Нема да се откаже претставата, детето има мајка“. Тоа им се случило на уште двајца други актери.

Посветеноста и големиот вложен труд му донесоа и многу награди од жири-комисии на еминентни фестивали, од публика, медиуми, фондации, Друштвото на писатели, награда „4 Ноември“ од Општина Битола... Со театарот пропатува речиси низ целиот свет. Со претставата „Тито“ гостувал во Фиренца и Хамбург, со „Хенри Шести“ во Лондон и Пекинг, па гостувања во Америка, Русија...



- Секаде ние, актерите, се препознаваме меѓу себе поради сличните искуства, и театарски и животни. Интересен феномен. А дали се попочитувани, тоа зависи од земјата во која живеат, сепак, политички гледано ние сме министерство кое последно се споменува во редењето на министерствата - додава актерот.

80 години Народен театар Битола – квалитетот да се зачува и за следните генерации

Смета дека театарот може да укаже на проблемите во животот, да поттикне одредени процеси.

- Вторпат во Битолски театар беше забранета претстава - еднаш „Свадбата на Мара“, а вторпат „Тито“. Не беше сеедно, но се случува, од одредени луѓе. Тогаш го сменија министерот за култура, колку да покажат дека не сакаат вакви работи, па подоцна променивме двајца директори, онака револуционерно, се сеќавате се надевам, со ваша помош и на публиката. И пак се сведува на заедништвото и желбата да го зачувате театарот кој ни го оставиле претходните генерации, а ние треба да им го предадеме на генерациите што доаѓаат. Прашањето секогаш ми било - каков театар ќе оставиме?
Годинава Народниот театар од Битола слави 80 години и тој е првиот театар во Македонија на македонски јазик. Ова е најдобриот театар не само во Македонија, туку и пошироко и искрено се надевам дека и покрај турбулентните периоди, таков ќе им го оставиме на младите - вели Горко.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема