Дружењето со колегите од другите градови ми беше исклучително занимливо оти скоро сите зборуваа на нивното наречје, имаа сосема подруг менталитет од скопјаните и живееја во студентски бараки и домови. Сами се грижеа за себе, а не како мене - моите родители – вели Плавевски во рубриката „Кога бев студент“, која Факултети.мк и „Пивара Скопје“ ја реализираат заедно
Станал „доктор“ уште пред формално да ја заслужи титулата. Децата од маалото во кое растел така го завикале оти најмногу од сите се грижел за укажување прва помош кога се јавувале рани и крвави колена. Д-р Владимир Плавевски, ОРЛ-специјалист во пензија, е нашиот избор за денешната студентска приказна. Тој е личност со многу приказни и афинитети за многу области – од мал пишува, посакувал да биде и драматург, а фотографијата е негова голема љубов.
Со класот од гимназија
Колку да звучи неверојатно, но токму детската игра, а подоцна и поттикот од неговиот наставник во средно по биологија бил пресуден или како што самиот вели - „со вкоренети предрасуди“ да се запише на Медицинскиот факултет во 1967 година.
Талентиран за многу области
Учел во гимназијата „Цветан Димов“, која се наоѓала на местото каде што денес е МАНУ и бил скроз одличен ученик, како и во основното („Браќа Миладиновци“). Уште во основно пишувал и освојувал награди за песни и раскази.
- Тогаш постоеја секции од речиси сите училишни предмети (литературна, драмска, фото, мандолинска, фискултурна, биолошка, математичка секција, училишен хор итн.) кои активно работеа; имаше и натпревари меѓу скопските училишта, а победниците се натпреваруваа со другите победници од градови во Македонија и потем се одеше на натпревари на ниво на Југославија. Јас со моите литературни награди доста пропатував во тогашна Југославија. Но, се истакнував и во биолошката секција со разни експерименти на жаби и гуштери и повторно патував во други градови. Но, катадневните маалски настани имаа улога во мојата одлука за студирање медицина. Во маалските тепачки поразените секогаш крвавеа. Луѓето околу нив, кога ќе видеа крв, бегаа. Јас им приоѓав, им помагав, им ги виткав раните со што ќе најдев, им ја бришев крвта... И тогаш го добив прекарот Доктор, што за мене беше почест. Во гимназија професорот по биологија Столе дури ми даваше повремено јас да одржувам час по биологија. Пред цел клас тврдеше дека ако некој биде доктор, тоа ќе бидам само јас - се потсетува Плавевски.
Бидејќи од мал пишувал драмолетки, размислувал да се запише и на драматургија и уште во средно читал стручни книги за таа област. Но, во тоа време се студирало само во Белград, вели д-р Плавевски.
Плавевски со колешки од факултетот
- Ниту моите сакаа да ме пратат во Белград ниту јас сакав да го напуштам Скопје. Згора на тоа, кога некому ќе кажев дека сакам да студирам драматургија, дури и на образовани луѓе, никој не знаеше што е тоа - вели нашиот соговорник.
Активен во студентски организации
Како студент на медицина бил исклучително активен и цел ден му бил исполнет со предавања и вежби. Уште во прва година се вклучил во студентската организација на факултетот.
На стручен студентски собир во Белград
- Успеавме наместо испитни сесии трипати годишно, да добиеме испитна сесија секој месец поради обемните и тешки предмети за полагање, што тогаш тоа беше голем успех на Студентската организација. Ја водев и организацијата за Меѓународна размена на студентите по медицина, работев стручни студентски теми, бев претставник на студентите во Научниот совет на деканатот. Испитите ги полагав во редовен рок со високи оценки - вели Плавевски и додава дека дипломирал во редовен термин со просек 9,6.
Д-р Плавевски бил особено посветен на студиите
Оценките му биле важни. Во тоа време испитите ги полагале пред самите кандидати и постепено се создала атмосфера дека кога треба да полага тој, се собирале многу слушатели.
- Тоа ги чудеше професорите, но полека и тие осознаваа дека кај нив ќе полага десеткаш, што ми беше дополнителен напор оти добивав тешки прашања. По дипломирањето во 1974 година дури три институти, поради високиот просек, ми понудија вработување, но бидејќи сѐ уште немав отслужено воен рок, а тоа тогаш беше еден од условите за прием на работа, се вработив во Здравствениот дом – Скопје по отслужувањето на воениот рок - се потсетува специјалистот.
Прво војска, потоа вработување
Кои му биле омилени професори на Плавевски. Во средно школо тоа со сигурност била проф. д-р Спасова по македонски јазик, која ги сакала неговите литературни состави, како и професорот по биологија Столе, кој на шега тврдел дека Владимир знае подобро биологија и од него и дека треба да гледа иднина во белиот мантил. На факултет го импресионирал проф. д-р Каракашевиќ, кој предавал микробиологија и епидемиологија.
Со колеги од факултет
- Тој никогаш не се служеше со забелешки и прирачници како многу негови колеги, туку од почеток до крај на предавањата со милион подробности ни предаваше, како што ние велевме, како да голтнал грамофонска плоча. Проф. Андреевски (ОРЛ-специјалист, декан и ректор) ме импресионира со својата стручност и енергичност и можеби поради него заминав на специјализација по оториноларингологија. Имав чест тој лично да ми честита за одличниот специјалистички испит со 10 пред Стручниот колегиум на ОРЛ-клиниката - вели Плавевски.
Откако дипломирал во 1974 година, следувал целогодишен приправнички стаж по сите клиники на факултетот и на крајот државен испит.
- Ниту ова не беше лесно, оти мораше да се биде активно присутен на сите клиники одреден период за да се земе потпис од професорот, директор на клиниката. А државниот испит небаре беше испит на Правен факултет. И, за да се вработам, морав да имам отслужено воен рок од 12 месеци. Шест месеци бев во Воено-медицинската академија во Белград, а потем прекомандуван во Титоград (денес Подгорица). По завршувањето на воениот рок како потпоручник одев на повеќедневни воени вежби, нешто што денес е непозната - вели нашиот соговорник.
Дружба со студентите од другите градови
Нешто што многу го импресионирало за време на студирањето било тоа што можел да запознае и да се дружи со колеги од речиси сите градови во Македонија.
За да се вработи, д-р Плавевски прво морал да отслужи воен рок
- Дружењето со нив ми беше исклучително занимливо оти скоро сите зборуваа на нивното наречје, имаа сосема подруг менталитет од скопјаните и живееја во студентски бараки и домови. Сами се грижеа за себе, а не како мене - моите родители. Сакаа да се дружат со мене и поминував часови и часови со нив, во бараките, одевме на излети, во кино, доаѓаа кај мене на гости. Се запознавав и со странски студенти од Палестина и Гана и ги канев на ручек дома, кај моите. И кога Еид, студентот од Палестина, дојде на ручек кај моите со огромен букет цвеќе, моите потем постојано ме прашуваа за него, дури и по дипломирањето. Одев на гости во Виница, Штип и Прилеп кај колегите, на задоволство на нивните родители што скопјанец им доаѓа на гости - се смее тој.
Имал многу колеги со кои бил како брат. Но, во оваа пригода сакаше да го спомене д-р Тодор Бојаџиев, за кого вели: „За жал починат, кој сѐ уште е познат како композитор на забавни мелодии.“
- Со него дури и заедно учевме пред испитите, од утро до мрак, една недела кај него, потем другата кај мене. По дипломирањето тој специјализира гинекологија, а јас оториноларингологија, но и потаму се дружевме. Тој редовно доаѓаше на моите промоции на книги и самостојни фотоизложби, а јас на неговите концерти - споделува Плавевски.
Има една вистинска случка на вежби по оториноларингологија која, според него, звучи како анегдота и првпат ја споделува со јавноста.
- Требаше да земам анамнеза од штотуку опериран пациент на едното уво. Пациентот беше свесен по операцијата на десното уво, кое му беше завиткано. Но, тој цело време ми кажуваше оти го болело и му течело левото уво! Се чудеше зошто му е оперирано десното. Отидов во лекарската соба каде што беа болничките досиеја. Го најдов неговото досие и ја видов рендген-сликата. Болното уво беше означено со Л (лево). Стаписан, појдов веднаш кај проф. Андреевски и му го кажав проблемот. Тој се муртеше сѐ повеќе како му прикажував. Кога завршив со известувањето, срипа, го повика по телефон и проф. Главаш, кој веднаш дојде и заедно отидовме кај оперираниот пациент. Пациентот бил опериран од штотуку завршен специјализант кој очигледно направил грешка. Специјализантот не беше на работа и не се јавуваше на телефон. Пациентот веднаш повторно го оперира лично проф. Андреевски. Утредента пациентот лежеше со две изврзани уши. Појдов да го видам. По мене во собата влезе и стуштениот специјалист кој го оперирал погрешното, здраво уво. Пациентот погледна во првиот оператор и го праша зошто двете уши му беа оперирани. Специјалистот, инаку невиден шерет на клиниката, му одговори оти морале нервот од десното уво да му го поврзат со нервот од левото уво за да слуша подобро! За секој случај, мене, како специјализант, двајцата професори ми наредија да не зборувам за ова. И еве сега првпат го кажувам... - завршува Плавевски.
По полагањето на специјалистичкот испит по оториноларингологија
Да не бил тој, колегите ќе немале фотографии од студии
Фотографијата е негова страст уште од дете. Татко му се занимавал со фотографија и копирал фотографии во шупата. Уште од мал му давал на Владимир да фотографира, а тоа најчесто биле неговите родители и тековни семејни фотографии.
- Кога дојдов во фотосекцијата, веќе знаев доста за фотографирањето, па затоа веднаш ме испраќаа на разни фотонатпревари каде што освојував награди. Во гимназијата немавме фотосекција, но тогаш се запишав во фотоклубот „Вардар“, кој ме импресионира со тогашните членови Благоја Дрнков, Ацо Заткоски, Киро Билбиловски, Лазо Величковски, Живко Јаневски... Сите тие излагаа во фотоклубот, таканаречена уметничка фотографија, а и во цела тогашна Југославија, дури и во странство, освојуваа награди. За мене тие тогаш беа нестварни, боговски величини. Со години учев, поправо крадев од нивното занаетчиство за фотографијата и дострелите во уметничката фотографија. Тие не сакаа да им прикажуваат за тајната на фотографијата на љубопитни 'пилиштарци' како мене. Се прчеа со своите прескапи „никони“ и „хаселблади“, додека сите други се служеа со руски „зенити“ и источногермански „практики“ - вели тој.
Со д-р Тодор Бојаџиев поминале многу време заедно во текот на студиите
За своите фотографии освоил многу награди, а не престанал со оваа љубов ниту на студиите.
- Народна техника, во чиј состав беше и клубот, одржуваше натпревари на градските и на меѓуградските фотосекции и јас бев инструктор на натпреварувачите. Веќе целосно ја владеев фототехниката и полека почнав да се занимавам со изложбена дејност. Постепено почнав да освојувам награди каде и да пратев мои фотографии (црно-бели фотографии со димензија 30 х 40 см. и колор-дијапозитиви). Најбитно е што фотоапаратот „АЛТИКС НБ“ (и денес го чувам!) го носев редовно на предавања и вежби и – сликав! Многу подоцна некои колеги ми кажуваа оти ако не сум бил јас, ќе немале спомен-фотографии од студиите по медицина!