X
 18.07.2017 Политика

ЕУ предупредува: работодавците да не ги проверуваат кандидатите на социјалните мрежи


Деловни луѓе.
(Фото: Pixabay)

Европските функционери објавија нови насоки според кои работодавците не би смееле да ги прегледуваат профилите на кандидатите за работа на социјалните мрежи. Како пример, тие ќе бараат од работодавците јасно да истакнат предупредување доколку имаат намера да ги прегледуваат профилите на потенцијалните работници на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Снепчет“, „Твитер“, па дури и на „Линкедин“.

Во случај кандидатите да не го видат предупредувањето, работодавецот би можел да се доведе во ситуација да ги прекрши правилата за заштита на податоци на Европската Унија. На работодавците им се забранува и собирање на податоци од социјалните мрежи како дел од процесот на вработување, освен ако тоа не е „нужно и релевантно“ за позицијата на која се вработува кандидатот.

Се воведуваат низа нови правила

Во препораките е нагласено дека ако кандидатот има фејсбук-профил, тоа не значи дека сите автоматски имаат дозвола да ги користат неговите лични податоци. Но, се разбира, невозможно е да се докаже дека кој било ви го прегледувал профилот, па токму поради тоа, повеќето луѓе своите профили ги држат заклучени. А новите правила ќе ги спречат потенцијалните работодавци на кој било начин да ви сугерираат да ги прифатите за пријател.

Препораките ќе бараат од големите компании да вработат лице кое ќе се занимава со заштита на личните податоци или ќе добие казна во износ од 4 проценти од годишниот приход. Таму, меѓу другото, е наведено дека работодавецот може да му даде на вработениот фитнес-алка преку која ќе го следи неговото здравје и активност, но не смее да ги собира и складира податоците од овие уреди.

Низата нови правила за заштита на податоци ќе бидат воведени во Европската Унија во мај 2018 година. Тие ќе се однесуваат на сите земји членки и ќе го опфаќаат дури и користењето дронови и самоуправувачки автомобили. Регулативата е осмислена така што да го заштити правото на приватност на поединците и споделувањето на податоците.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика