X
 17.03.2020 Живот

Црвениот крст на град Скопје во соработка со „Пивара Скопје“ формира мобилни тимови за поддршка на ранливи категории граѓани

Од утре (среда, 18 март 2020), Црвениот крст на град Скопје, во соработка со „Пивара Скопје“, почнува со реализација на активност наменета за обезбедување логистичка поддршка на ранливи целни групи на територијата на градот Скопје. Во функција ќе бидат ставени 10 мобилни тимови што ќе бидат лоцирани на пет локации во градот, како и дополнителен тим за бездомните лица лоциран во Момин Поток.

Мобилните тимови ќе функционираат секој работен ден, од 08:30 до 12:30 часот, а нивната задача ќе биде да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица што живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории граѓани што живеат во Скопје.

Целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на лицата на кои им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19 (коронавирус).

Мобилните тимови ќе бидат составени од две лица од тимот за одговор при катастрофи, еден член од тимот за логистика и едно обучено лице за давање основна медицинска помош (парамедик). Сервисната услуга што ќе ја обезбедуваат мобилните тимови ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе одвојат финансиски средства само за артиклите или лековите што ќе треба да им се набават. Трошоците за функционирање на мобилните тимови ќе бидат покриени од „Пивара Скопје“, Градот Скопје и општините во Скопје.

За повикување на мобилните тимови, граѓаните ќе можат да ги користат следните телефонски броеви, според местото на живеење:

• Црвен крст Центар: 070/297-166 02/3115-029
• Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 02/3211-417
• Црвен крст Чаир: 070/208-383 02/2621-924
• Црвен крст Карпош: 070/226-136 02/3068-806
• Црвен крст Гази Баба: 071/243-078 02/2529-153
• Тим за бездомни лица 02/3096-227

Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 9 до 13 часот граѓаните ќе можат да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба. Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психо-социјална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а останатите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.

Овие активности се координирани и поддржани од страна на градоначалникот на Град Скопје и од градоначалници на скопските општини.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот