X
 03.02.2023 Живот

Околу 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност, се очекува да се соберат 80 милиони евра

Околу 200 компании кои оствариле над 10 милиони евра профит ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност, а сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.

Премиерот не прецизира кои фирми конкретно ќе треба да плаќаат данок на солидарност, само нагласи дека данокот ќе се однесува на сите што се опфатени со законот.

- Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се оданочува со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании поединечно, по индустрии, зашто законот е многу јасен - истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на „Виталиа“.

Тој уште еднаш потсети дека ваков закон има и во некои земји од регионот, како и во држави членки на ЕУ.

-Драго ми е што законот е усвоен на Владата и веќе е испратен во Собранието. Данокот за солидарен придонес не е карактеристика само за нашата држава, туку и за многу други земји, членки на ЕУ и земји од регионот. Законот е донесен низ инклузивен дијалог со стопанските комори и со компании кои оствариле високи профити изминатите години. Уште на почетокот на кризата кажавме дека ова не е време на изобилство, туку на солидарност, кога секој ќе треба да придонесе за општеството - потенцира Ковачевски.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот