Селото Нанмоку се наоѓа покрај река што тече низ планините, опкружено со шуми од кедар и бамубс. Некогаш просперитетното селце било познато по свилата и дрвото.
Денес, тоа е најстарото село во Јапонија, а две третини од жителите се постари од 65 години. Многу од зградите во населбата се трошни или напуштени, со сосема мал број нови градби.
Според официјалните податоци на градското собрание, населението на Нанмоку падна од 11.000 во 1955 година на околу 1.500 денес. Со таа стапка на опаѓање во селото нема да живее никој за една деценија.
Селото се наоѓа на врвот на руралната депопулација во Јапонија, тренд што го доживуваат и другите нации во Азија и Европа. Бројот на Јапонци над 100 години е на рекордно високо ниво, а новородените се на рекордно ниско ниво.
Затоа, дел од жителите работат на запирање на депопулацијата на Нанмоку. Тие се обидуваат да привлечат млади претприемачи кои ќе го обноват селото. 24-годишната Сатоми Оигава е една од нив. Таа пристигнала во селото пред една година, по дипломирањето на колеџот во Токио.
- Чувствував дека моите односи со луѓето во Токио беа плитки, така што решив да живеам на село - објаснува таа. Сатоми работи за селските официјални лица, усогласувајќи ги напуштените домови со потенцијални нови жители.
На посетителите им нуди тура до фабриките што некогаш работеле. Како што вели, запознавањето со историјата на селото е навистина важно. Таа истакнува дека луѓето во селото живеат според јапонскиот филозофски концепт наречен мотаинаи.
- Мотаинаи е јапонски филозофски концепт кој вели дека не треба да губиме ништо и да ја извлечеме секоја вредност од она што го имаме, без разлика дали тоа е време, простор, работи или луѓе - вели таа.
Со ова се согласува и 90-годишниот Хачиро Коганезава. Тој додава дека селаните во селото имаат и „генки“, јапонски термин за виталност и енергија. На 90 години тој се занимава со одгледување цвеќиња и зеленчук.
- Затоа што имаме земјоделски дух, никогаш не се пензионираме. Тој дух, да работиме додека не умреме, е всаден во нас со генерации - додава Коганезава.
Грижа за старите, привлекување на младите
Истражувањето спроведено во 2018 година покажа дека постарите лица на Нанмоку одат побрзо, посилни се и помалку страдаат од деменција во споредба со постарите лица во другите делови на Јапонија. Но, ако сака да остане на картата, селото мора да привлече повеќе млади луѓе и да го зголеми наталитетот.
Како што вели градоначалникот Саијо Хасегава, имало години кога во селото не се родило ниедно бебе.
Затоа, централните и селските власти на Нанмоку нудат финансиски стимулации за да привлечат млади жители. Но, за жал, селото не може да понуди многу работни места. Во април селото ќе отвори основно и средно училиште само за да привлече нови семејства, но не е јасно што ќе се случи ако не дојде никој.
И покрај тоа, Хасегава планира да го стабилизира населението на селото за 15 до 20 години.
- Дотогаш се очекува населението да биде околу 800 луѓе, околу половина од сегашната големина. Мислам дека ќе успееме да го задржиме на тоа ниво - вели тој.
Извор:
Npr.org
Фото:
Instagram