Големиот неформален сектор во македонската економија претставува наследство од долготрајниот процес на транзиција. Имајќи ја предвид високата невработеност која настана како резултат на колапсот на компаниите во општествена сопственост, неформалната економија се појави како еден од алтернативните механизми за приспособување на пазарот на труд. Неформалниот сектор во транзициските економии се разви на посебен начин и поприми специфични облици кои се разликуваат од оние во остатокот од светот. Особено, порастот на долгорочната невработеност придонесе за зголемување на бројот на т.н. обесхрабрени работници кои се соочуваат со ерозија на човечкиот капитал и се повеќе склони кон вработување во неформален сектор.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО
Неформалната (сива) економија претставува мултидимензионален феномен кој е динамичен и брзо се приспособува на конкретното општествено милје. Нејзините бизнис-модели постојано се менуваат следејќи ги технолошките трендови и пополнувајќи го просторот каде што потфрлуваат формалните бизнис-практики и функционирањето на институциите. Таа има променлива природа што варира во опсегот од целосно неформални до различни комбинации на хибридни модели кои лесно се поврзуваат со тековите на формалната економија. Речиси и да не постои деловна активност која е имуна на притисокот од информализација, било од аспект на главната дејност или одделни нејзини функции. Неформалната економија денес е глобално присутна и ги рефлектира мноштвото фактори и причини кои се јавуваат во конкретните земји.
Од воведувањето на концептот за неформална економија во 70-тите години од минатиот век, па сѐ до денес постојат повеќе дефиниции зависно од тоа дали на оваа појава се гледа како дејност заснована врз претпријатија, работни места или активности. Според Меѓународната организација на трудот, неформалниот сектор ги опфаќа ентитетите кои се ангажирани во производство на стоки и услуги со примарна цел создавање работни места и приходи за засегнатите лица. Овие ентитети главно функционираат на ниско ниво на организација, со минимална или никаква поделба меѓу трудот и капиталот како фактори на производство и со ограничен обем. Трудовите односи повеќе се засноваат на неформално вработување, лични и социјални релации отколку на договорни аранжмани со формални гаранции. Оттука, неформалната вработеност се однесува на секоја платена работа која не е евидентирана, регулирана или заштитена со постојната законска или регулаторна рамка, како и неплатената работа која се одвива во производните претпријатија. Неформалните работници немаат сигурни договори за вработување, работнички бенефиции, социјална заштита или работничко застапување.
Денес, неформалниот сектор може да се јави под различни називи: маргинален, нерегулиран, неопсервиран, паралелен, дуален, неофицијален, прикриен итн. Неговото постоење има многубројни микро и макроимпликации. Земјите со голем неформален сектор остваруваат понизок раст од потенцијалниот бидејќи неформалните претпријатија се претежно мали, имаат ниска продуктивност и ограничен пристап до финансии. Освен тоа, тие не придонесуваат во даночната маса, на тој начин намалувајќи ги ресурсите за обезбедување основни јавни добра и услуги за населението. Неформалните работници имаат поголем ризик од сиромаштија и заработуваат помали плати споредено со работниците во формалниот сектор бидејќи генерално се помалку образовани и имаат ограничени можности за кариерен развој.
Спроведување сеопфатна анализа за двигателите на неформалната економија е клучно за одржлив и инклузивен развој бидејќи неформалноста е тесно поврзана со брзината на економски раст, како и со другите социо-економски феномени како што се сиромаштија и нееднаквост. Додека некои индивидуи и компании работат неформално според личен избор, многу други влегуваат во неформалната економија од нужда за опстанок и пристап до активности кои генерираат приходи. Според тоа, потеклото и последиците од неформалната економија се разликуваат од земја до земја и зависат од конкретните околности.
Имајќи го предвид хетерогениот карактер на неформалниот сектор, постојат различни причини кои ги мотивираат работниците и компаниите да се ангажираат во неформални економски активности. Генерално, може да се разликуваат четири групи на фактори кои влијаат врз обемот и структурата на неформалната економија: економски, институционални, социјални и културни/етички фактори. Во групата на економски фактори спаѓаат: економскиот развој на земјата, БДП per capita, стапка на раст на БДП, позиционираност во бизнис-циклусот, побарувачка за труд во формалниот сектор, однос со невработеноста, однос со неактивноста и висина на платите. Институционалните фактори ги вклучуваат: висина на даночно оптоварување, учество на даноците во БДП, интензитет на регулативата, квалитет на институциите, постоење административни прагови, доминација на готовинските трансакции. Социјалните фактори ги опфаќаат: ниво на социјална заштита, ниво на животен стандард, сиромаштија, социјална исклученост, нееднаквост во приходите, еднакви можности и јазови кај образованието и вештините. Во културни/етички фактори можат да се вбројат: даночен морал, бизнис-култура во земјата, ниво на корупција, економска емиграција и одлив на мозоци, ниво на криминал и сл.
Големиот неформален сектор во македонската економија претставува наследство од долготрајниот процес на транзиција. Имајќи ја предвид високата невработеност која настана како резултат на колапсот на компаниите во општествена сопственост, неформалната економија се појави како еден од алтернативните механизми за приспособување на пазарот на труд. Неформалниот сектор во транзициските економии се разви на посебен начин и поприми специфични облици кои се разликуваат од оние во остатокот од светот. Особено порастот на долгорочната невработеност придонесе за зголемување на бројот на т.н. обесхрабрени работници кои се соочуваат со ерозија на човечкиот капитал и се повеќе склони кон вработување во неформален сектор. На тој начин, неформалното вработување се појави како можност за обезбедување дополнителни приходи за домаќинствата во ризик од сиромаштија и социјална исклученост, ублажувајќи ги на тој начин социо-економските последици од високата невработеност.
Вработувањето во неформалниот сектор може да се оцени со помош на Анкетата за работна сила која ја спроведува Државниот завод за статистика и претставува главен извор на податоци за состојбите и движењата на пазарот на труд. Таа се спроведува според методологија на Меѓународната организација на трудот и обезбедува меѓународно споредливи индикатори. Сепак, Анкетата за работна сила има одредени недостатоци кога е во прашање мерењето на неформалниот сектор. Прво, поради принципот на самоизјаснување на испитаниците при анкетирањето, разумно е да се очекува еден дел од лицата кои се неформално вработени да се изјаснат како невработени или неактивни со цел да избегнат санкции за тоа што не ги почитуваат законските прописи. Второ, значителен дел од формално вработените остваруваат неформални работни ангажмани како дополнителна работа и тие не се опфатени со Анкетата за работна сила. Трето, неформална вработеност може да остваруваат лица кои според Анкетата за работна сила се декларираат како неактивни. Според ова, официјалните показатели за неформалната вработеност презентирани од страна на Државниот завод за статистика го потценуваат нејзиниот обем, односно треба да се сметаа за т.н. „конзервативна оцена“.
Податоците од Државниот завод за статистика за 2022 година укажуваат на тоа дека во Македонија имало вкупно 692.034 вработени, од кои 607.714 биле формално вработени, а 84.319 биле неформално вработени. Тоа значи дека неформалната вработеност изнесувала 12,2% од вкупната вработеност. Имајќи предвид дека учеството на неформалната економија во вкупниот БДП во Македонија се оценува на ниво од околу 30%, може да наведе на заклучок дека продуктивноста во неформалниот сектор е поголема од продуктивноста во формалниот сектор. Тоа е парадоксално бидејќи неформалниот сектор главно опфаќа ниско продуктивни активности кои се преземаат со цел обезбедување основна егзистенција и излез од сиромаштијата.
За надминување на горенаведените недостатоци во мерењето на неформалната вработеност може да се примени т.н. „резидуален метод“. Имено, овој метод тргнува од оценување на формалната вработеност преку податоците од Управата за јави приходи, а преостаната т.е. „резидуална“ вработеност би била неформална. За пресметување на бројот на формално вработени се земаат вкупните приходи остварени од придонеси за социјално осигурување и персонален данок на доход. Кога овој износ ќе се подели со разликата меѓу просечната бруто и просечната нето-плата, ќе го добиеме бројот на формално вработени за кои се платени социјални придонеси и персонален данок на доход. На овој начин, за 2022 година се добива дека бројот на формално вработени во Македонија изнесувал 581.533 лица, а доколку тој се одземе од вкупниот број вработени според Анкетата за работна сила, се добива дека бројот на неформално вработени изнесувал 110.501. Според овој метод, неформалната вработеност изнесувала 16% од вкупната вработеност.
Движењето на неформалната вработеност во Македонија за периодот 2008-2022 година според Анкетата за работна сила и резидуалниот метод е прикажано на графиконот подолу.
Од графиконот може да се забележи дека неформалната вработеност во текот на набљудуваниот период бележи континуирано намалување, при што вредностите добиени со помош на Анкетата за работна сила варираат од 12,2% до 28,6%, додека оние добиени со резидуалниот метод варираат од 16% до 38,1%. Освен тоа, со помош на резидуалниот метод можат да се воочат периодите на рецесиија (2010-2011 глобална финансиска криза и 2020-2021 корона-криза) кога неформалната вработеност видливо отскокнува од трендот, односно манифестира контрациклично движење. Добивањето точна претстава за обемот и структурата на неформалната вработеност е од големо значење за преземање соодветни мерки на политиките кои би требало да ги таргетираат ранливите категории граѓани кои се во најголем ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Имено, во третирањето на неформалната економија не постои единствен пристап за сите, па затоа неопходно е подетално разбирање на специфичниот економски, социјален, институционален и културен амбиент во земјата за дизајнирање ефикасни мерки за формализација.
Имајќи предвид дека неформалната економија, пред сѐ, претставува стратегија за преживување, мерките за нејзино редуцирање директно се одразуваат врз благосостојбата на голем број граѓани. Евентуално укинување на неформални вработувања неизбежно создава јазови кои би требало да се пополнат со креирање можности за вработување во формалниот сектор и апсорбирање на дел од „шокот“ преку социјалните политики. Затоа, мерките би требало внимателно да се дизајнираат, а нивните последици и евентуални недостатоци да се антиципираат. Притоа не треба да се заборави дека тие се преземаат за, а не против граѓаните, односно нивниот хуманоцентричен карактер треба да обезбеди никој да не биде заборавен. Во преземање на мерките неопходен е инклузивен, транспарентен и отчетен пристап, а значаен напредок може да се направи само ако се спроведе лепеза од синхронизирани мерки кои можат да се набљудуваат како делови од различни структурни реформи.