Во американската држава Вермонт се наоѓа градот Помфрет, за кој многумина велат дека е едно од најживописните места во светот во текот на есенските месеци. Имено, неговиот планински пат, кој грациозно се спушта од север, граничи со бујни зелени полиња каде што мирно пасат стада бели овци, па остава впечаток дека целиот град излегол од бајка.
За идиличната слика придонесува и малата шума во раскошни есенски бои, која создава речиси волшебна глетка. Сепак, ова шармантно гратче во последните години се соочува со сѐ поголем проблем што ги загрижува неговите 900 жители - прекумерен туризам.
Токму затоа градот забрани влез на инфлуенсери во периодот кога има најголем метеж.
Волшебната убавина на овој мал град им го привлече вниманието на ифлуенсерите, фотографите и јутјуберите. Она што некогаш било мирно засолниште, сега го посетуваат многу туристи, а доказ за тоа е фактот дека повеќе од половина од автомобилите забележани во градот во текот на есента се од други земји.
Мирот бил уништен кога фотографијата од прекрасната фарма наречена „Слипи холоу“ и селска куќа од 18 век станале едно од најфотографираните места во целата држава. Станува збор за приватен имот опкружен со јавори.
Мештаните велат дека ова место предизвикало наплив на туристи кои сакале да ја фотографираат фармата. Најголем проблем предизвикувале инфлуенсерите, кои ги игнорирале знаците кои јасно укажувале дека влезот е строго забранет, што создало дополнителни непријатности.
Мештаните биле вознемирени поради нарушувањето на мирот, па минатата година локалните власти привремено го затворија патот. Но, и ова не го решило проблемот. Затоа, оваа година одлучиле да побараат финансиска поддршка преку кроу-фандинг платформа.
Откако собрале повеќе од 15.000 долари, властите донеле одлука да го затворат патот до имотот од 23 септември до 15 октомври, кога бил шпицот на есенската сезона. Ова конечно им овозможило на мештаните да се одморат, а инфлуенсерите ќе мора да бараат друга идеална локација за нивните фотографии.
Извор:
Svrckanje.rs
Фото:
Instagram