X
 14.07.2024 Живот

На оваа мапа можете да проверите каква клима ќе има градот во кој живеете по 60 години

Разговорите за времето сѐ почесто се претвораат во приказни за бури, топлотни бранови, суши, поплави... Сите овие несреќи нè погодуваат почесто и пожестоко од кога било, а предвидувањата на научниците стануваат сѐ помрачни и велат дека повеќе од половина од Земјата до крајот на векот ќе премине во нови климатски зони. 
Овие наведувања може да се протолкуваат и како општи изјави, кои можат или не мора да влијаат врз нас лично, бидејќи понекогаш е тешко да се идентификуваме со толку долгорочни прогнози. Затоа е добро и поучно, па дури и предупредувачко, да се види како овие промени ќе влијаат врз местото каде што живееме. 

Тоа е можно со помош на новата интерактивна мапа „Идните урбани клими/The Future Urban Climates“, која открива каква ќе биде климата во 2080 година во дури 40.581 урбана средина во светот.

Автор на мапата е Метју Фицпатрик, еколог од Универзитетот во Мериленд, а за неа користел податоци од Меѓувладиниот панел за климатски промени. Покрај тоа што се предвидува каква клима ќе има градот во кој живееме, веднаш се прави споредба со некој друг локалитет каде што веќе преовладуваат условите до кои нашиот град ќе дојде во 2080 година, поминувајќи низ слична промена.

Според предвидувањата, градовите кои денес се дел од посеверната континентална клима ќе бидат послични на оние што се наоѓаат многу појужно, во денешните потопли предели. Или, според зборовите на Фицпатрик, климата ќе станува сè послична на онаа поблиску до екваторот. Овој феномен е веќе забележлив, на пример, со споредување на податоците од 2010 година со оние од 1950 година. Најголемите промени досега се забележани во Северна Америка, Европа и Океанија.

Мапата дава уште една можност за прогнози доколку ние како човештво малку се вразумиме и ги намалиме емисиите на штетни гасови.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот