X
 14.12.2023 Живот

Знаци дека вашиот претпоставен има нарцисоидно растројство

Да се има претпоставено лице со нарцисоидно растројство на работното место може да предизвика стрес во работата. Клучот за справување со ваков претпоставен е да имате јасна слика за сопствената перспектива на вашата работа и соодветно да одговарате на задачите.

Нарцисоидно растројство на личноста е состојба на ментално здравје што се карактеризира со недостиг на емпатија, чувство на грандиозност и постојана потреба за пофалби и восхит. Понекогаш нарцисите може лесно да се забележат, но тие се многу манипулативни и потешко се забележуваат. Без разлика на типот на нарцис, работата со нарцисоиден шеф може да предизвика хроничен стрес.

Еве неколку знаци дека вашиот претпоставен има нарцисоидно растројство.

Зборуваат речиси исклучиво за себе и за своите заслуги

Секој со нарцисоидно растројство на личноста најчесто мисли само на себе. Тaквите луѓе се многу свесни за својот физички изглед, харизма, таленти и способности и го очекуваат вашето внимание и аплауз кога се зборува за нив. Сите овие коментари можеби се претерани и не мора да бидат точен одраз на нивните животи и способности. Тоа е особено изразено на работа и вршење работи за кои не се способни, па им ги пренесуваат на други.

Имаат фантазии за сопствената големина

Нарцисите имаат тенденција да негуваат фантазии за успех, моќ, богатство, убавина или совршен партнер. Поради овие фантазии, тие создаваат чувство дека треба да го имаат најдоброто од сѐ - куќи, автомобили, позиција, облека или други работи кои го потврдуваат нивниот статус. Тие доживуваат огромна фрустрација и гнев кога нивните визии не се реализираат и обично обвинуваат други луѓе или колеги.

Бараат постојани пофалби

И покрај тоа колку се самоуверени нарцисите, тие често се прилично ранливи и несигурни, со кревка самодоверба. За постојано да го поддржуваат своето „надуено“ его, им треба постојано внимание, пофалби и восхит. Тие, исто така, очекуваат да бидат препознаени како супериорни дури и без да постигнат резултати за пофалба. Секој коментар за нивните несигурности или мани може да биде дочекан со напад.

Важни се само нивните потреби

Нарцисите мислат дека другите секогаш треба да им бидат на располагање и веднаш без прашање да ги исполнуваат нивните барања. Ако не им се даде таков третман, тие може да станат нетрпеливи или лути или да одговорат со пасивно-агресивен тивок третман. Тие ги гледаат другите дека постојат првенствено за да им служат на нивните потреби, злоупотребувајќи ги најчесто ментално или вербално, игнорирајќи ги нивните желби.

Тие ги користат другите луѓе

Многу луѓе лесно паѓаат во замките на нарцисите бидејќи генерално се претставуваат како привлечни, харизматични и шармантни. Нарцисите немаат проблем да ги натераат луѓето да го прават она што го сакаат. Како резултат на тоа, многу луѓе дури и не забележуваат дека нивниот нарцисоиден шеф ги доведува до исцрпеност.


Фото: Pixabay

Завидливи се

Поради нивната ниска самодоверба и потребата да бидат супериорни во однос на другите, нарцисите ги презираат луѓето што го поседуваат она што тие го немаат и им завидуваат. Тие не разбираат зошто немаат и не можат да имаат сè што сакаат, но не им е проблем да смислат дури и некаков вид одмазда за оние што покажале подобри резултати од нив во бизнисот, без разлика на фактот дека тие се на пониски позиции.

Им недостига емпатија

Нарцисите не се во состојба да сочувствуваат со другите или да разберат дека другите може да имаат проблеми, сопствени борби или пречки кои се нормални. Дури и да го препознаат тоа, потребата да си ги присвојат или пренесат на себе сите капацитети што другите луѓе ги вложуваат на кое било поле им е нормална и очигледна.

Имаат безгранични амбиции

Да се ​​има цели или амбиции во животот е добра работа, но нарцисите ги прават своите соништа центар на нивниот свет и очекуваат другите да го сакаат за нив она што тие го сакаат за себе. Бидејќи се чувствуваат супериорни во однос на другите и сакаат да веруваат дека другите ги сметаат за посебни, тие често си поставуваат бескрајни амбиции. Кога не успеваат во нешто, тие се бесни или длабоко разочарани до степен на депресивно размислување.

Тие се неверојатно несигурни

Ова може да биде контрадикторно бидејќи се чини дека се квалификувани, харизматични и супериорни во однос на другите. Сепак, овие луѓе обично се неверојатно несигурни, што ги тера да чувствуваат потреба да ги понижат другите. Сепак, тие не се подготвени да препознаат никакви лоши особини во себе.

Тие се исклучително шармантни, но склони кон омаловажување

Нарцисите на прв поглед се шармантни и самоуверени. Но, кога подобро ќе ги запознаеме, ќе ја видиме нивната способност да ги повредуваат другите. Омаловажувајќи ги другите, понекогаш се агресивни. Останатите луѓе, па дури и колегите, често се маѓепсани од тој шарм, кој го користат за да си обезбедат поудобни позиции на работа.

Тие се гледаат себеси како победници

Во светот на нарцисите има само победници и губитници и, секако, само тие го заслужуваат првиот епитет. Нивната постојана потреба за победа придонесува за нивната неспособност да го прифатат успехот на која било друга личност. Затоа, за нив има само победи, а при помислата дека можеби ќе изгубат нешто, паѓаат во депресија.

Тие остануваат лути долго време и не простуваат

Нарцисите не ги сакаат оние што не се вклопуваат во нивната визија за светот, пријателството или работата, па дури и ги навредуваат оние што не им го даваат она што го сакаат. Кога некој ќе им покаже заби, долго го паметат.

Не поднесуваат критики

Нарцисите не можат да се справат кога работите не одат како што треба и ќе им биде многу тешко да ја признаат вината ако се виновни. Затоа не можат да прифатат каква било критика, дури и ако е конструктивна. Критиката за нив не постои, само тие имаат право да критикуваат други луѓе во нивните глави.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот