X
 17.12.2020 Образование

БРО: Ниту еден наставник нема да биде избркан од работа

Кога го правевме новиот наставен план и застепеноста на задолжителните и изборните предмети, посебно внимание е посветено на ангажираност на постојниот наставен кадар, искористување на капацитетите со кои располага секое училиште и одговорно тврдиме дека ниеден наставник нема да остане без работа, децидни се одговорните во Бирото по стравувањата на многумина наставници дека интеграцијата на предмети ќе ги остави без работа.

- Наставниците ќе бидат ангажирани за реализација на наставата, а особено за креирање сопствена листа со изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците. Исто така, ќе бидат ангажирани во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности. Иако фондот на часови е намален по одредени наставни предмети (музичко и ликовно образование), преку изборните предмети и воннаставните активности наставниците што ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале досега. Според анализите на БРО, ќе има и потреба од ангажирање нови наставници. Целото ангажирање на наставниците ќе биде вреднувано како преку нивниот кариерен развој така и преку зголемениот обем на работа (доколку се ангажирани за реализација на различни активности во училиштето) - објаснуваат оттаму.

Во изминатиот период Бирото работеше на нова концепција за основното образование, по увидување на потребата за темелни реформи во образовниот процес.



- Предлог-текстот на концепцијата ќе биде даден на јавна расправа и сите засегнати страни ќе може со свои предлози да учествуваат во негово подобрување. Предвидено е имплементацијата да почне од учебната 2021/22 година со учениците од прво и шесто одделение, по усогласување на концепцијата и наставните програми со сите релевантни чинители - велат во Бирото.

По донесувањето на концепцијата ќе следува изработка на наставни програми за сите одделни наставни предмети. Овој процес, како и досега, ќе биде транспарентен и инклузивен, уверуваат оттаму.

- Во процесот ќе учествуваат универзитетски професори и наставници од практиката кои заедно со претставници од Бирото ќе ги развиваат наставните програми. Наставниот план предвидува изучување на нови интегрирани наставни предмети, но тоа не значи укинување на одделните научни дисциплини – историја, географија, граѓанско образование. Напротив, тие ќе бидат изучувани преку нови пристапи што подразбираат интеграција и интердисциплинарно изучување приспособено на возраста на учениците. За сите новини, наставни програми и други активности ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници. Бирото за развој на образованието ќе им овозможи на наставниците континуирана обука и поддршка за планирањето, организирањето и реализацијата на наставата и сите предвидени активности во училиштето - информираат надлежните.


БРО ги повикува сите наставници да ја дадат поддршката на предвидените реформи. Само преку нови, креативни пристапи ќе успееме заедно да му дадеме нов квалитет на основното образование и да овозможиме нашите ученици да бидат среќни и задоволни во училиште. Ние, како институција, ќе ги вложиме сите напори да успее предвидената реформа, но очекуваме, како и досега, посветеност, доверба и соработка од наставниците. Образованието мора да биде заеднички интерес на сите во државата, без оглед на етничката, верската, политичката, родовата или која било припадност. Да се обидеме интересот на децата и нивното задоволство од учењето и престојот во училиште да нè поврзат и да работиме за доброто на сите ученици.

Наставниците ја покажаа својата посветеност оваа година, кога во услови на здравствена криза, без многу време за посебни подготовки, успеаја целата настава да ја водат од далечина, така што не се сомневаме во нивната успешност сега кога ќе ја добијат целосно поддршката од институциите за претстојната реформа. Институциите го почитуваат тоа, знаат да го вреднуваат и да работат на враќање на достоинството на наставничката професија.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование