X
 03.04.2020 Образование

Еднa петтина од британските студенти би биле побогати доколку не би студирале

Секој петти студент во Велика Британија би имал подобра финансиска состојба доколку го прескокнел високото образование, покажува истражување кое ја споредува заработката на дипломираните и оние без факултет.

Анализа од Институтот за фискални истражувања открива дека 80% од поранешните студенти имаат финансиска добивка од студирањето, но околу 20% заработуваат помалку од оние со слични оценки на училиште што не завршиле факултет. Во истражувањето биле искористени податоци за пресметување на заработката на оние што оделе на факултет од средината на 90-тите години наваму.

Било откриено дека мажите заработувале просечно 130.000 фунти повеќе, а жените 100.000 фунти повеќе од оние што не студирале, откако ќе се одземат трошоците за даноци и враќање на студентските долгови.


Фото: Pixabay

Заработката не била еднаква за сите периоди од животот. Жените заработувале најмногу во нивните 30-ти и 40-ти години. Кога станува збор за мажите, тие заработуваат најмногу во 30-тите години.

Истражувањето открило и дека владата добива дополнителни даноци и други придонеси од 110.000 фунти по маж и 30.000 фунти по жена покрај трошоците за студирање. Но, истата анализа покажува и дека владата е во загуба кога станува збор за одредени науки, како креативните уметности. 



Фото: Pixabay

Мишел Донелан од министерството за образование вели дека меѓу поволностите од високото образование се и искуствата и пријателствата, но таа е загрижена кога станува збор за вредноста за инвестираните пари. Сепак, Џо Грејди, генерален секретар на универзитетската унија, вели дека треба да се разбере дека образованието е многу повеќе од добивањето финансиски резултати.

- Фокусирањето на приходите во иднина ги игнорира пошироките поволности што им ги носи образованието на индивидуалците и општеството - вели Грејди.

Конечно, анализата открива и дека најплатените 10% од мажите што студирале економија или медицина во просек заработуваат 500.000 фунти повеќе од нивните врсници, додека жените што ги студирале истите науки заработуваат само 250.000 фунти повеќе од нивните врсници.

Автор: Ричард Адамс
Извор: Theguardian.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование