Делата на Вилијам Шекспир би требало да бидат вклучени во студиите по медицина за да им помогнат на студентите подобро да се поврзат со нивните идни пациенти, вели докторот Дејвид Џефри.
Џефри, кој е доктор на Универзитетот на Единбург, бара да се подобри односот помеѓу докторот и пациентот насекаде низ светот бидејќи сега многу доктори се дистанцираат од пациентите одбегнувајќи ги емоциите и фокусирајќи се на биомедицинските факти. Докторите би требало да ја срушат оваа емоционална пречка за доброто на своите пациенти, на пример, кога тие имаат болест што може многу да ги вознемири, вели Џефри.
Според него, очигледната емпатија на ликовите во драмите на Шекспир би можела да им помогне на студентите по медицина да станат поемпатични. Аргументите на Џефри биле претставени во ново научно
истражување објавено минатата недела.
Фото: Вилијам Шекспир/Pixabay
- Неверојатно е што делата на Шекспир се актуелни и денес. Се чини дека тој имал способност да ги предвиди нашите мисли, особено во време на криза - вели Џефри.
Ликовите на Шекспир зборуваат во сопствен глас и создаваат наратив од повеќе индивидуални гледни точки, вели тој. Учењето на драмите на Шекспир би можело да биде креативен начин за поттикнување на емпатијата кај студентите по медицина.
Најчесто докторите се охрабруваат да ги контролираат емоциите бидејќи тие може да влијаат врз поставувањето на дијагнозата. Меѓутоа, емпатијата од страна на докторот може да им понуди сигурност на пациентите, вели Џефри.
Автор: Џонатан Чедвик
Извор:
dailymail.co.uk