Претставници на националната германска агенција во центарот на Загреб примале хрватски здравствени работници и им нуделе работа.
- Почнуваат со плата која зависи од регионот во Германија, од болницата или видот на клиниката. Станува збор за плати што се движат од 3.000 евра бруто, а потоа секоја година за време на квалификувањето и специјализацијата платите се зголемуваат - објаснува Беса Хоџај.
Бараат сѐ, од физиотерапевти, фармацевти, до лекари, пренесуваат хрватските медиуми.
Саемот ги привлекол и младите лекари, кои штотуку излегле од факултет. Се нуди работа и во Холандија, каде што се бараат 150 медицински
сестри.
- Во Холандија постојат седум нивоа на нега. Се почнува од третото ниво, со плата од околу 1.900 евра. Кога ќе го достигнете четвртото ниво, платата е околу 2.600 евра - открива Сара Рончеро од Холандија.
Кога ќе се направат пресметките, излегува дека платите во странство се од три до пет пати повисоки отколку во Хрватска, за што сведочат и медицинските техничари што веќе работат во странство. Велат дека платата не е единствениот позитивен фактор.
- Да почнеме со смените. Во Хрватска беа 12-часовни смени, кои со големиот број прекувремени часови сами по себе стануваа уште понапорни. Овде смените се 8-часовни - вели Томислав Ваљетиќ, медицински техничар, кој пред шест години се преселил во Берлин.
Доказ за патењето на здравствениот кадар во Хрватска се и податоците на тамошната лекарска комора. Имено, моментално во Хрватска 1.795 лекари се подготвуваат да ја напуштат земјата.