Најголем дел од специјализантите дежураат без пари, нивните права треба да бидат регулирани, изјави денеска на прес-конференција во просториите на Синдикатот на Клинички центар, доктор Нико Беќаровски.
Тој ги повика сите специјализанти да се приклучат во работата на Синдикатот.
- За нив ќе биде обезбедена и посебна единица и како синдикално раководство, заедно со лекарскиот одбор, ќе се погрижиме во следните преговори да се вклучат и правата на специјализантите. Како што знаете, во моментов специјализантите, најголем дел од нив, дежураат без пари, завршуваат голем дел од работата во рамките на Клиничкиот центар. Така што, вака синдикално организирани во следните преговори ќе настапиме конечно да се регулира и нивното право. Треба да се избориме и за нивното право на соодветен надомест за одвоен живот, услови за сместување, сите знаеме, барем тие што сме во оваа лекарска фела, дека во секоја нормална држава постојат специјални домови во кои специјализантите се сместени по многу пристојни цени, а да не треба самите да бараат сместување - појасни Беќаровски.
Тој кажа дека се дискутирало и околу приватните специјализации.
- Не постои држава во Европа каде што постојат приватни специјализации, без да се знае за кого специјализираат. Тоа е наша уникатна пракса за што надвор ни се смеат, со оглед дека тежнееме кон Европската Унија. Мислиме дека е крајно време дел од практиките што се применуваат таму, да бидат и кај нас. Значи, ќе може да специјализира тој што има потреба, јавна установа, приватна установа, меѓутоа секогаш да се знае кој стои зад тоа - додаде тој.
На приватните специјализации се осврна и претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
- Само кај нас постои приватна специјализација. Таа некаде е пет, некаде шест години. За тие пет години, специјализантите добиваат околу 26.000 или 28.000 денари, а таа специјализација, на пример, чини 10.000 евра. За тие пет години, тие може да земат и 15.000, 20.000 евра. Меѓутоа, каде одат тие специјализанти, кога ќе станат специјалисти? Што бенефит има јавното здравство од нив, од тие специјализации, кога тие не можат да најдат ни вработување во јавно здравство, значи се трошат пари за нивното усовршување, а никој не гледа бенефит - смета Серафимовски.
Тој додаде дека вработувањата треба конечно да не бидат „партиски, национално обоени“.
- Ако некој човек вреди, ако има коефициент, просек на успех, нека се вработи таму каде што треба. И не може да се бараат специјализации да се добиваат по желба. Ова не е желботека. Тука и деканатот треба да поработи малку на тие работи. Мора однапред 10, 15 години минимум да знаат каде недостасува неврохирург, каде недостасува ортопед, каде недостасува токсиколог... и таму да се насочи, да се вработи студентот кој е со добар успех, да му се даде работа, да му се даде можност да специјализира - истакна Серафимовски.
„Клинички со директор избран од Влада, а раководители на клиники да бидат вработени со 20 години искуство“
Беќаровски, член на Иницијативниот одбор за формирање синдикат, кој денеска се спои со синдикатот на Клиничкиот центар во докторски одбор „Хипократ“, истакна и дека директорот на Клинички центар може да го бира Владата, но раководителите да бидат вработени на клиниката со минимум 20 години искуство.
- Иницијативниот одбор ја поздравува идејата за спојување на Клинички центар, тоа беше една од нашите заложби. Меѓутоа, од друга страна, спојувањето треба да значи и професионализација на клиниките. Што подразбираме под тоа? Директорот на Клинички центар, да, може, нека го бира Владата, меѓутоа раководителите на клиниките исклучиво да се бираат од редот на вработените на клиниката со минимум 20 години искуство да бидат специјалистичко, пожелно би било секако да бидат од редот на професорите коишто се на таа клиника. Ние направивме една груба проценка дека само по основ на втор директор којшто постои моментално во клиниките и по основ на управни одбори, годишно околу милион и сто илјади евра се неповратно фрлени без никаква конкретна импликација, освен што служи за вработување на кадри - нагласи Беќаровски.
Според Беќаровски, од „вечерни школи“, резултатот е неквалитетен кадар.
- Секој најдобро знае каков персонал му фали. Во моментов се случува од денеска да добиеме писмо дека овој е прераспределен кај вас, овој е тргнат од кај вас. Со ваков начин, квалитет нема. Верувајте, има сестри кои не знаат да ја стават иглата на шприцот. Таква сестра не може да работи на Клинички центар. Не би требало да работи ни на друго место. Се дисперзираа, секаде се отворија школи, се завршуваат вечерни школи, од таму произлегоа неквалитети - смета Беќаровски.
Тој додаде дека огромен е револтот на докторите, затоа што цела одговорност ја носат самите тие.
- Во сите овие случаи што беа актуелни, никој не праша дали сестрите дале соодветна терапија, дали болничарот ја однел крвта како што треба и така натаму. Ако нема професионализација, вакви грешки ќе се повторуваат и понатаму - појасни тој, додавајќи дека има клиники што доколку волонтерите се одлучат да ги напуштат, нема да функционираат.
Нивниот краен рок за спојување на Клиничкиот центар е 31 декември.
Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски рече дека се согласиле јавно да дадат поддршка на министерот за здравство, Фатмир Меџити, за што побрзо да се врати институцијата Клинички центар со еден директор и еден управен одбор.
Во вторникот на прес-конференција, Меџити, одговарајќи на новинарско прашање за укинувањето на организациските директори во клиниките, потсети дека врши притисок, тоа да биде реалност од 1 јануари 2024 година, доколку може да се постигне.
Извор: МИА