X
 03.05.2018 Култура

Што се случува со паричките што луѓето ги фрлаат во најпознатата фонтана во светот?

Градот изграден на седум рида слободно можеме да го наречеме и градот на фонтаните. Имено, во Рим има повеќе од две илјади фонтани, повеќе отколку во кој било друг град во светот, а педесетина од нив се сметаат за вредни историски споменици, како Фонтаната на четирите реки на Бернини и Тритоновата фонтана, но ниту една не е толку позната како Фонтана ди Треви.

Архитектот Никола Салви ја замислил и ја дизајнирал оваа фонтана, која била довршена во 1762 година, по единаесет години од неговата смрт и по речиси 30 години градење.

Фонтана ди Треви е најголемата барокна фонтана и веројатно најпознатата на светот. Таа е снимена во многу реклами и филмови, но токму еден филм ја промовираше и ја нагласи традицијата на фрлање парички во неа.

По филмот „Три парички во фонтаната“, снимен во 1954 година, граѓаните и туристите почнале да фрлаат монети во фонтаната, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа.

Фрлањето парички во фонтаната почнало многу порано. Брилијантниот филм на Фелини - „Сладок живот“ (La Dolce Vita) е многу позаслужен за подоцнежното промовирање на фонтаната, затоа што тешко е да се заборави сцената кога актерката Анита Екберг влегува во најпознатата римска фонтана.

Пред тоа се верувало дека ако испиете чаша вода од неа, ќе имате среќа и дека повторно ќе го посетите Рим. Со текот на времето оваа легенда се променила, па денес се верува дека за среќа и повраток, доволно е да фрлите монета со десната рака преку левото рамо, додека со грб сте свртени кон фонтаната.

Во договор со градските власти, парите од фонтаната секојдневно ги собираат активистите од хуманитарната организација „Каритас“ и ги користат за купување храна и друга помош за сиромашните, како во Италија така и во повеќе од 200 други земји од светот.

Во просек, од фонтаната се собираат околу 3.000 евра дневно, што значи дека Фонтана ди Треви носи повеќе од милион евра годишно.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура