X
 03.07.2018 Образование

Универзитетот во Сараево забранува прерамки, деколтеа и мини-здолништа

Професорот Ведад Смаилагиќ, кој предава на Филозофскиот факултет во Сараево, критички се осврнува на предлогот на Универзитетот во Сараево да се воведе кодекс на однесување на вработените и студентите, кој пропишува низа забрани. Сметајќи дека универзитетот не е плажа, тој сепак мисли дека не можеме да забраниме сѐ што не ни се допаѓа. Еве зошто.

„Универзитетот во Сараево покрена да се донесе кодекс на однесување и облекување за вработените и студентите на универзитетот. Кодексот, кој е формулиран преку 16 члена на шест страници, содржи многу прописи со кои се настојува да се спречат нештата за кои мнозинството граѓани би рекле дека местото не им е на универзитетот. Меѓутоа, ако земеме предвид дека на европските јавни универзитети не постои нешто како кодекс на облекување за студенти, мораме да си го поставиме прашањето: Зошто сега тоа?

Најпрвин треба да се напомене дека кодексот во оној дел што се однесува на вработените воопшто не е потребен бидејќи сето она што се настојува да се регулира кај вработените може да биде регулирано со работен договор: на пример, дека вработениот не смее да доаѓа пијан на работа. Но, кодифицирањето на однесувањето на студентите на еден јавен универзитет навлегува во личните слободи на поединците, што особено се гледа во предложените забрани за облекувањето.

Се предлага на Универзитетот да се носи деловна-лежерна облека, а би било забрането да се носи: облека која го открива стомакот, грбот или длабокото деколте, облека на прерамки, проѕирна, тесна или намерно искината облека, мини-здолниште, бермуди, шорцови и тренирки, влечки и чевли со изразено високи потпетици, шминка, накит, тетоважи и пирсови и облека со порака која ги навредува чувствата на другите.

Веројатно и самиот сум дел од мнозинството граѓани што би рекле дека повеќето набројани нешта не се соодветни за универзитет, а особено експлицитните навредливи пораки. На крајот, универзитетот не е ни плажа, па и за тоа треба да се води сметка.

Меѓутоа, основниот принцип на модерните европски либерални демократии гласи: Не можеме да забраниме сѐ што не ни се допаѓа. Зборуваме за оние демократии и во оние земји во кои својата иднина ја гледаат многу млади лица од Босна и Херцеговина, но и од целиот неразвиен свет. Тие земји во принцип немаат слични универзитетски кодекси. И тоа од добри причини.

Универзитетот во Сараево е европски јавен универзитет и како таков би требало да наследи или што поскоро да усвои европски вредности кои се огледуваат во уверението дека слободата на поединецот која не загрозува никого е темелна вредност на едно општество, нешто што го знаеме најдоцна од Кант, но и уште претходно од големите цивилизации како грчката, римската или раните исламски, кои се засноваат на слобода и на крајот го изродиле модерното либерално европско општество.

Освен тоа, академската слобода не им гарантира само на професорите слобода на работа, истражувања и предавања, туку академската слобода се огледува и преку слободата на дефинирање и покажување на сопствените личности на еден студент. Зарем некој може да се надева на развој на општеството засновано на студенти ограничени со кодекси за однесување?

На секое општество во развој му треба креативната енергија од младите луѓе која сѐ повеќе се ослободува како што нејзините поединци и групи имаат поголеми слободи. Во таа смисла не се оправдани забраните и ограничувањата што се правдаат, како што вели предложениот кодекс, „со етички, морални и професионални норми и општо прифатени цивилизациски вредности“. Па, слободата која никого не загрозува е најголема цивилизациска вредност - тоа е вредност за која веќе со векови се водат војни, а милиони луѓе и ден-денес ги даваат своите животи за таа слобода.

Кодифицирањето на облекувањето особено не е оправдано затоа што јавниот универзитет има јавна образовна функција која се огледува во тоа дека јавниот универзитет е место кое на припадниците на сите светогледи, сите убедувања, сите социјални групи им гарантира пристап до образованието. Таквиот универзитет и самиот е цивилизациско достигнување кое континентална Европа го изгради во последните 200 години и на што ние во Босна и Херцеговина мораме уште да работиме за самопофалбата на нашата убавина на различност да не остане само туристичка реклама, туку навистина општо прифатен образец на дејствување.

Во која смисла тетовжата или пирсингот имаат какво било негативно влијание врз моралот, етиката или негативно влијаат врз професионалниот однос? Дали тоа можеби повеќе е проблем за набљудувачите отколку за набљудуваниот? Дали тетовираниот Лионел Меси е и етички полош од Роналдо, кој не е тетовиран, и дали таа разлика е пресудна за нивниот професионален однос кон топката?

Универзитетскиот кодекс е само обид за унифицирање на општеството во замислени и наследени етички обрасци во кои суштината се претпоставува според формата. Овој конзерватизам во разбирањето на моралот во модерното европско либерално општество, а Босна и Херцеговина вложува голема енергија да стане дел баш од тоа општество, веќе нема своја оправданост и го задушува правото на самоопределување на поединците, со што се ограничуваат креативноста, подготвеноста и желбата на младите да дејствуваат за ова општество на начин на кој знаат и можат.

Истовремено, дефинирањето на етиката, моралот и професионализмот преку облеката, а не преку делата на човекот јасно ни кажува колку лесно сме подготвени да се откажеме од младите само затоа што визуелно се разликуваат од нашите очекувања. И тоа во Сараево, кое денес се гордее со некогашните млади духови кои пред само неколку децении со некоја своја слобода го основаа и живееја денес надалеку фалениот сараевски рок и сараевската општествено-критичка филмска сцена.

Јасно, нема дозволата за некои прерамки или пирсинзи сама по себе да дејствува револуционерно на академската заедница. Тука повеќе станува збор за слободата на младите луѓе да се бараат себеси, да покажат и бунтовништво, да ги поместат границите.

Универзитетот во Сараево е наставно-научна институција која има многу проблеми: во својата општествена оправданост, во своето функционирање, во својот развој, во законски речиси уништената академска слобода, во техничката неопременост, во намалувањето на бројот на студенти и уште многу нешта, па енергијата на сите свои актери, вклучително и сите студенти, па и оние со прерамки, пирсинзи и тетоважи, високи потпетици и тренирки би требало да ги вклучи во опстанокот и развојот на универзитетот и да настојува околу тие мисии да ги собере сите сегашни и идни студенти, а не со прогон на прерамки да го оттргнува вниманието од вистинските проблеми што водат до пропаѓање на научната релевантност на самиот Универзитет во Сараево.

Евентуалните поединечни случаи на непримерно студентско облекување сосема сум сигурен дека можат да бидат решени со разговор со кој било добронамерен професор или професорка и некој студент, односно студентка. Пишан кодекс за тоа не е потребен и само би останал уште еден хартиен меч во борбата против сосема други ветерници.

На крајот, босанското општество досега повеќе патеше поради некои вратоврски отколку поради прерамкии.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование