Младите велат дека работа во овоштарството има, но градот нема доволно економска моќ за приватни бизниси, а во државно со години се влегува со партиска книшка
Работа има, за бавчи, да береш јаболка, да пакуваш овошје, во Ресен има најмногу работа во областа на земјоделството. Но вработувања во приватниот сектор речиси и да нема, а пак за државно ти треба партиска книшка, коментира ресенчанецот Роберт Керместевски, кој за себе вели дека десет години чека вработување иако е дипломиран информатичар.
Престолнината на јаболкото, градот на Преспанското Езеро, регион каде што се развиени овоштарството, прехранбената индустрија и туризмот, со нашето помалку од 9.000 жители има дури 14 невработени магистри на науки. Ниту еден од другите градови во земјава што бројат до 10.000 жители нема толку голем број високообразовани кадри, со степен на образование VII/A, без работа.
Младите се иселуваат
- Јас имам 30 години, а голем број мои школски другари се иселија. Оние што работат во државно се партиски примени, 80 проценти, да не кажам сите, има некои што сами се избориле. А да речеме дека работат по струките што ги завршиле, не е така, туку работат онаму каде што институцијата има недостиг на кадар. Важно партиската книшка му завршила работа - вели Кереместевски.
За приватно да отвориш фирма, додава тој, Ресен е економски замрен, па тешко се опстојува. Ретко кој се нафаќа да отвори приватен бизнис.
Други млади велат дека проблемот лежи и во изборот на професијата. Иако крајот е земјоделски и туристички, сепак, добар дел од младите избираат да студираат други професии со цел да си заминат од местото.
- Цел живот гледале како од производството на јаболко тешко се заработуваат пари, па град или мраз ќе го уништи родот. Цела година мака мачат за да извадат пари доколку семејството се занимава само со овоштарство, па не е чудо што се одлучуваат за друга професија. Во однос на туризмот, езерото со години се повлекува и не е многу исплатливо да се вложува - вели Ана Јоновска, дипломиран правник од Ресен.
Фото: Општина Ресен
Меѓу невработените магистри нема од областите земјоделство и туризам
Според Агенцијата за вработување, до 22.10.2021 година во Ресен се евидентирани 14 невработени магистри. Според областа во која магистрирале, од евидентираните невработени лица ниту еден не се доусовршувал во областите земјоделство и туризам. Имено, меѓу невработените има по двајца магистри од економија, право, фармација, казнено право и по едно невработено лице од следните профили: магистер по правни науки, насока правосудство, по археологија и историја на уметност, по безбедност и финансиска контрола, по односи со јавноста и маркетинг-комуникација, јавна администрација, информатика со концентрација на менаџмент на информациски систем.
- Изборот на образование е индивидуално право на секој поединец, во зависност од неговите убедувања и афинитети. При носење одлука каде да се продолжи образованието, секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршувањето на процесот на формалното образование, односно да се има предвид реалната потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот - велат од Агенцијата за вработување.
По бројот на жители најблизок до Ресен е Пробиштип, со 8.714 жители и тројца невработени магистри, а во Берово со над 7.000 жители има 7 магистри. Поголемите градови со над 10.000 жители, како Крушево, Делчево и Виница имаат помалку магистри без работен ангажман. По 14. магистри без работа Ресен се доближува до поголемите градови, како Струмица со 12, Велес со 16.
Фото: Општина Ресен
Некои чекаат работа и по повеќе од осум години
Досегашниот градоначалник на Ресен, Живко Гошаревски, излез од ситуацијата гледа во обезбедувањето странски инвестиции во градот.
- Бидејќи сме мало место, најважно за овој висококвалификуван кадар е да донесеме некоја инвестиција во која ќе бидат ангажирани. Тоа претежно е за лица што завршиле економија, земјоделски науки. За скоро време најавуваме една инвестиција за преработување на земјоделски производи од Турција која ќе придонесе за вработување на дел од овој кадар. Само еден дел може да се вработи во администрација, па затоа треба да се насочиме кон инвеститори, и тоа во лесно преработувачката индустрија и во туризмот - рече Гошаревски.
Инаку, во Ресен има 1.492 невработени лица од кои 221 чекаат работа и по повеќе од осум години. Најголемите работодавци во градот се фабриката „Свислион Агроплод“, неколку преработувачки капацитети за сок од овошје и зеленчук, транспортна компанија и фирми за продажба на овошје. Над 3.000 семејства во Преспа одгледуваат јаболка, а една половина директно зависат од тоа.
Јаболкобер во Ресен