На 29 септември 1943 година дански рабин ја прекинал утринската служба во синагогата Кристгаде во Копенхаген велејќи: - Немаме време да продолжиме со молитви. Имаме вест дека во петок навечер, ноќта помеѓу први и втори октомври, Гестапо ќе дојде и ќе ги уапси сите дански Евреи. Има листа со адреси и ќе оди во домот на секој Евреин, па сите ќе нѐ одведат во кампови.
Можете да направите две работи. Првата, да се држите понастрана од вашите домови во петок вечер. Што ќе се случи потоа не знаеме, но во петок навечер, во никој случај не одете дома. Број два, пренесете ги вестите на колку што можете повеќе пријатели, семејства, за да знаат да не се враќаат дома.
Деновите што следувале означиле една од највпечатливите приказни за отпорот во Втората светска војна. Според наредбите на Хитлер, данските Евреи требало да бидат депортирани на 1 октомври 1943 година, но во период од неколку години подземна мрежа заедно со нееврејското население во земјата засолнило околу 8.000 луѓе, со помош на мали бродови преку Ерсунд ги однеле на безбедно во неутрална Шведска.
Фото: Judi Glickman Lauder
Фотографката Џуди Гликман Лаудер ја раскажува оваа приказна преку серија портрети на Евреите што преживеале и нивните спасувачи. Нејзината нова книга „Над сенките: холокаустот и данскиот исклучок“ ги обединува фотографиите на 75-годишнината од спасувањето.
Во изминатите 30 години Гликман Лаудер фотографирала локации од нацистичките логори како што е Аушвиц. Неколку од тие фотографии се појавуваат во книгата, иако книгата нуди нешто исцрпно и надежно.
- Научникот за холокаустот Раул Хилберг славно забележал дека животот под нацистичкото владеење ги класифицирал луѓето во три категории: злосторник, жртва или минувач. Но, има исклучоци од ова правило - мали, но важни исклучоци за луѓето и заедниците што не беа ниту злосторници ниту жртви, а одбија да бидат минувачи - пишува Гликман Лаудер.
Имав можност да се запознаам, да разговарам и да фотографирам лидери на данскиот отпор, спасувачи и Евреи кои преживеале. Овие извонредни луѓе ги споделија своите индивидуални искуства и ме одведоа до места каде што се одвивале настаните од 1943 година. Многумина не можеа да сфатат зошто ги фотографирам.
Фото: Judi Glickman Lauder
- Го направивме тоа што го направивме - рекоа тие, како да е очигледно. Но, всушност, мал број луѓе го направиле истото.
Заедно со историјата за насилство постои уште една важна историја: отпор, издржливост и заштита на осакатените малцинства на храбри поединци, заедници и во малку случаи, самите народи.
- Ноќта помеѓу први и втори октомври германската рација беше спроведена. Од околу 8.000 Евреи во Данска, Германците пронајдоа само 200 луѓе во нивните домови. Некои од нив ги слушнаа вестите, но одбија да веруваат. До некои не успеавме да дојдеме - раскажува еден од спасувачите.
- Сите други беа однесени во приватни домови или во болници или на кое било друго место каде што можеа да се сокријат. Никој не беше подготвен за ова, ништо не беше организирано однапред, беше основно движење на луѓе што ги зедоа работите во свои раце - додава тој.
- Отидовме на станицата Паруп за да однесеме луѓе низ фармите. Но, имаше толку многу, што немаше место. Зедовме постар пар и млад пар со близнаци во нашиот дом и во нашата работилница. Соседите донесоа леб и путер. Останаа три дена - раскажува Јенс Молер.
Фото: Judi Glickman Lauder
- Данска беше единствената западноевропска земја окупирана од нацистичка Германија што успеа да го спаси своето еврејско население. Додека злото и стравот завладеаја во поголемиот дел од Европа, данскиот народ ја задржа својата хуманост и ги спаси оние што беа во голема опасност - раскажува Лаудер во книгата.
Херберт Пундик имал 16 години кога неговото семејство побегнало во Шведска.
-Два инцидента се издвојуваат од хаотичните спомени од неколку дена поминати во страв и болка додека се обидувавме да избегаме во Шведска. Првиот се однесува на татко ми: трчавме низ темна шума. Татко ми се сопна и падна на земја. Падот на татко ми, кој дотогаш беше заштитник и глава на семејството, одеднаш покажа ранлива страна, страв, губење на контролата. Тогаш, во тој момент, ја сфатив опасноста на нашата ситуација.
Вториот инцидент: се наоѓавме на рибарски брод, оставајќи го брегот на Данска. Се свртев за последен пат да ја погледнам Данска. Во раните утрински часови ги видов сопругата на рибарот и мажот и жената што ни понудија безбедно место додека чекавме да избегавме како клечат со прекрстени раце кон небото, во молчалива молитва.
Фото: Judi Glickman Lauder
Портретите на Лаудер нудат потсетник за моментот кога обичните луѓе ги ризикувале своите животи за да им помогнат на другите.
- Иако данската приказна е мала во однос на бројките, влијае врз мал дел од оние што биле прогонувани од нацистите, а тоа е голема работа. Ова е приказна што раскажува за населението кое покажало дека е можно да се направи разлика и кое одбило да го гледа малцинството како „другите“. Ова е точно за секое ниво на данското општество, од рибарите што ги носеле Евреите во Шведска, до кралот Кристијан Х, кој ја посетил синагогата во Копенхаген во акт на солидарност и кој одбил да биде соучесник со нацистичкиот прогон врз Евреите - пишува во книгата.
Фото: Judi Glickman Lauder
- Во тие времиња еден се искачи на врвот на човештвото со тоа што едноставно остана човек - напиша еднаш сега веќе покојната Ели Визел, нобеловка и преживеана од холокаустот.
- За мене, данскиот народ ја симболизира надежта - силата на добрината во свет кој полудел - завршува авторката
Лаудер.