Секоја година предвидуваме и реализираме поголем број активности, велат организаторките
Педесетина жени-научници, хемичарки и технолози учествуваа на глобалниот женски појадок кој вчера се одржа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Под мотото „Градиме врски да создадеме идни лидери“ собирот беше наменет за жени активни на полето на хемијата и сродните науки, вработени во различен тип организации за да ги споделат различните искуства во досегашната кариера и да се разгледаат можностите за идни соработки меѓу институциите, компаниите, училиштата и факултетите. Специјална гостинка на собирот беше првата дама на Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, како и пратенички и претставнички на државни институции.
- „Глобален женски појадок“ е светска иницијатива поттикната од IUPAC (International Union of Pure and Applied Chemistry), која лани одбележа 100 години од формирањето - објаснува Марина Стојановска - членка на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, кој го организира настанот во Македонија.
Таа и Јасмина Петреска-Станоева беа координаторки на настанот, а добија поддршка и oд колешки од другите здруженија – Македонското биолошко друштво, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Македонското географско друштво, Сојузот на математичари на Македонија и од претставнички од повеќе високообразовни институции, основни и средни училишта, компании, лаборатории од приватен и државен сектор.
Петреска-Станоева ги запозна присутните со активностите на СХТМ. Оваа асоцијација на научниците и истражувачите кои се активни во хемијата, применетата хемија и технологијата е формирано во 1947 година, а подоцна преименувано во Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија.
- Секоја година предвидуваме и реализираме поголем број активности. Примарната активност на која сме особено горди е издавањето на научното списание Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering, кое е списание со фактор на влијание. Активно учествуваме во подготовка на натпревари по хемија за ученици од основните и средните училишта, подготовка и учество на меѓународната олимпијада по хемија (IChO). Лани учениците освоија 2 бронзени медали. Заедно со друштвата на физичарите и биолозите во подготовка и учество на меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO), минатата година учениците освоија 2 сребрени и 3 бронзени медали - нагласи Петреска-Станоева.