Ново истражување објавено во списанието „Сајентифик рипортс“ открива дека физичките одговори, вклучувајќи ги отчукувањата на срцето, дишењето и електричната спроводливост на кожата, се синхронизираат помеѓу членовите на публиката на класичните концерти.
Луѓето што се поотворени имаат поголема веројатност да се синхронизираат, додека оние со навротични склоности имаат помала веројатност да се усогласат.
- Кога зборуваме за апстрактни работи како што се естетските искуства, како реагирате на уметноста и музиката, телото секогаш е вклучено - вели Волфганг Шахер, психолог од Универзитетот во Берн кој го водел истражувањето.
Оваа теорија е позната како „отелотворено спознание“: идејата дека умот не е само поврзан со телото, туку и дека телото влијае врз умот.
За да го истражат ова, Шахер и колегите набљудувале 132 члена од публиката на три класични концерти. На сите три концерти биле отсвирени истите дела од Бетовен, Брамс и Брет Дин.
Авторите користеле камери и сензори за да ги следат учесниците, кои пополниле прашалници за нивните личности пред концертот и за тоа дали уживале во изведбата и какво било нивното расположение потоа.
Генерално, тие откриле статистички значајна синхронизација: срцата на луѓето чукале побрзо или побавно за време на истите музички фрагменти.
Фото: Freepik
Спроводливоста на кожата е тесно поврзана со одговорот на телото да бега или да се бори. Кога е висока, тоа укажува на состојба на возбуда и може да се поврзе со морници на кожата; кога е ниска, тогаш сме во состојба на релаксација.
Камерите дури забележале усогласување на движењата на телото. Но, иако стапките на дишење на луѓето биле усогласени, тие не вдишувале и не издишувале заедно.
Моќта на музиката
Како што може да се очекува, луѓето што се отворени кон нови искуства и луѓе биле посклони кон синхронизирање со другите.
Оние што имале високи оцени за невротичност, односно личност склона кон лошо однесување и депресија, имале помала веројатност да се синхронизираат.
За Шахер, наодите се во корист на теоријата за „отелотворено спознание“ и помагаат да се објасни зошто јавните паради или воените маршеви помагаат да се изгради кохезија меѓу учесниците. Тој очекува ефектите да бидат уште посилни во другите музички жанрови.
- Постојат дополнителни причини поради кои луѓето се синхронизираат на поп-концертите, се движат, танцуваат, а тоа е синхронизирано од музиката и тоа би дало уште појасни резултати - вели тој.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik