Дејвид Атенброу успеал да сними ретки златни кратконоси мајмуни (Rhinopithecus roxellana) за неговиот нов документарец „Седум света, една планета“. Дури 50 години се обидувал да најде и да договори снимање на овие ретки животни што живеат во Кина.
- Никогаш досега не сум ги видел снимани. Еднаш читав за нив и помислив дека мораме да ги најдеме и да ги снимаме. Тоа беше во 60-тите години од минатиот век. Се обидував да ги пронајдам, но никако не успевав, па морав да се откажам од тоа иако постојано ми беа некаде во мислите, сè додека не успеавме да ги пронајдеме - истакна Атенброу на премиерата на
филмот.
Тој го прокоментира и физичкиот изглед на овие мајмуни кои живеат во снежните планини.
- Знаете ли зошто се кратконоси? За да не им се смрзнат носовите - рече Дејвид.
Во исечокот од документарецот објавен на „Јутјуб“ мајмуните се опишани како мајстори на комуникацијата бидејќи можат да произведат звуци без да ја мрдаат устата.