X
 09.08.2019 Наука

Експлозија на метеор на Јупитер фатена со камера

Еден астрофизичар ја направил снимката на неговиот живот - нешто што изгледа дека е светлина од експлозија во атмосферата на Јупитер.  Итан Чапел во Тексас фатил неверојатно редок настан.

- Вечерва го снимив Јупитер. Изгледа како светлина од судир во јужниот екваторијален појас - напиша тој на „Твитер“.

Додава дека откако ја направил снимката, веднаш почувствувал дека треба да ја сподели со луѓе на кои резултатите би им биле од корист.

Погледнете ја оваа видлива светла точка која полека избледнува, што не личи на ништо од нормалните процеси на Јупитер, како што се громовите или аурорите. Всушност, најмногу личи на удар.

- Никогаш не сум видел нешто вакво порано. Ова едноставно го одзема здивот - вели астрономот Џонти Хорнер од Универзитетот на Јужен Квинсленд во Австралија.

Ударите на метеори врз Јупитер не се ретки настани. Метеорите што експлодираат поради тоа што влегуваат во атмосферата се прилично чести на Земјата, а ние сме многу помала мета со многу помала гравитација од Јупитер.

Всушност, студија од 1988 година утврдила дека степенот на големи удари врз Јупитер е меѓу 2.000 и 8.000 пати поголем од степенот на удари врз Земјата. Но, тоа не значи дека ние би можеле да го видиме тоа и многу малку некогаш биле снимени со камера. Удари се снимени во 2009 и 2010 година, но забележувањето всушност е многу ретко.

- Ова е многу краток настан, трае само неколку секунди. Не би бил толку очигледен ако гледате со телескоп. Претежно овие нешта поминуваат незабележително. Половина од нив се случуваат на далечната страна од планетата, па многу нешта работат против тоа да ги видиме овие настани - вели Хорнер.

Според него, тоа што имаме снимка од настанот и јасно можеме да ја видиме светлината што се појавува и избледнува е највозбудливиот дел. Тоа значи дека можеме да го споредиме ударот со удари на други метеори за да видиме колку долго траел некој настан.

Чапел вели дека додека снимал, не ја забележал светлината, туку ја забележал подоцна благодарение на софтвер дизајниран специјално за наоѓање  вакви светлини. Можно е ударот да оставил лузна која може да се проучи со други инструменти, иако првичните извештаи велат дека ударот бил премал за да создаде лузна.

Сè уште не знаеме ни колкав бил објектот, но сигурно бил релативно голем за да предизвика настан видлив од Земјата.

Фото: Twitter/ChappelAstro
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука