Гликозата претставува еден вид гориво за нашиот мозок бидејќи ги храни нашите клетки, вклучувајќи ги и мозочните. Програмирани сме да сакаме слатки бидејќи се добар извор на енергија. Кога нивото на гликоза во крвта е ниско, се забележуваат проблеми со концентрацијата и меморијата и чувствуваме недостиг на енергија. Но, кога во телото има премногу шеќер, тоа може има негативно влијание врз телото и мозокот.
Што му се случува на мозокот кога јадете шеќер?
Никол Авена, асистент-професор по неврологија, објаснува дека кога јадеме шеќер се испраќа сигнал до мозокот кој го активира лачењето на допамин - хемиска состојка што прави да се чувствуваме добро. Ова нè тера да сакаме да го повториме чувството, односно повторно да се чувствуваме добро.
Во споредба со другите хранливи состојки, домапинот не престанува да се лачи по првото вкусување кога јадеме шеќер. Јадењето многу шеќер ќе продолжи да предизвикува да се чувствувате добро без разлика колку го јадете, што не е случај со другата поздрава храна. Затоа, шеќерот малку дејствува како дрога за нашиот систем и луѓето стануваат „зависни“ од него.
Фото: Pixabay
Мозокот на премногу шеќер
Кога постојано го активирате лачењето на допаминот, мозокот се приспособува и почнува да бара повеќе шеќер. Истражувања спроведени на глувци покажале дека мозокот лачи помалку од хемикалиите што му помагаат на телото да престане со одредена навика кога се внесува повеќе шеќер. Затоа на телото му е потешко да престане да јаде храна со големо количество шеќер. Освен тоа, глувците во истражувањето имале послаба меморија кога јаделе многу шеќер.
Зошто внесувањето шеќер го поттикнува мозокот да бара повеќе шеќер?
Авена објаснува дека има голема врска помеѓу цревата и мозокот. Шеќерот активира рецептори во цревата кога ќе стигне таму и со тоа му дава сигнал на мозокот да лачи инсулин за регулација на дополнителниот шеќер. Вишокот шеќер го тера панкреасот да произведува дополнителен инсулин, кој потоа доведува до складирање на поголемо количество гликоза, масни киселини и други калорични супстанции.
Фото: Pixabay
Како резултат на тоа, во крвотокот остануваат малку калории и мозокот мисли дека нема „гориво“, па побргу огладнуваме. Шеќерот дава брза енергија и затоа сме поттикнати да го внесуваме и така повторно започнува целиот циклус.
Дали може да го наведете мозокот да бара помалку шеќер?
Според Авена, човекот може да го наведе мозокот да го намали внесувањето на шеќерот, но за тоа може да биде потребно подолго време, дури и месеци.
Автор: Лиса Бејн
Извор:
prevention.com