X
 20.09.2019 Здравје

Физичката активност им носи поголема корист на пациентите со кардиоваскуларни болести отколку на здравите луѓе

Вежбањето повеќе може да им помогне на пациентите што страдаат од кардиоваскуларни болести за да го намалат ризикот од предвремена смрт отколку на здравите луѓе, покажува ново истражување.

Забележано е дека здравите лица во текот на истражувањето имале помала веројатност да умрат кога биле физички поактивни. Но, придобивките од вежбањето биле уште поочигледни кај луѓето што страдале од срцеви заболувања.

Научниците го процениле интензитетот на вежбање со помош на минути на МЕТ (метаболички еквивалент на вежбање) на неделно ниво. Оптималното ниво на возрасни е најмалку 500 МЕТ-минути неделно.

aktivnost
Фото: Pixsell


Кај пациентот што страда од срцеви заболувања секои дополнителни 500 МЕТ-минути неделно во текот на истражувањето биле поврзани со 14 отсто помал ризик од смрт од сите причини. За здравите лица, истото зголемување на активноста било поврзано само со 7 отсто помал ризик од смртност.

Истражувачите набљудувале 131.558 пациенти со кардиоваскуларни заболувања и 310.240 здрави лица, а просечната возраст на испитаниците на почетокот на истражувањето била 60 години.

- Физичката неактивност предизвикува разновидни незаразни болести, како што се коронарни артерии, дијабетес, рак на дојка и дебело црево, што доведуваат до предвремена смрт - вели д-р Си-Хјук Канг, коавтор на истражувањето и научник на Универзитетот во Сеул.

- Физичката активност поттикнува нормален раст и метаболизам. Физичката активност им помага на луѓето да се чувствуваат подобро, да спијат подобро и полесно да ги извршуваат дневните задачи.

Додека психолошките придобивки од вежбањето може да бидат слични за оние што страдаат од срцеви заболувања и оние што не страдаат, можно е пациентите да имаат поголема корист затоа што имаат многу повеќе фактори на ризик за предвремена смрт на кои поволно влијае поголемата физичка активност.

- Се покажа дека физичката активност ги намалува крвниот притисок, шеќерот во крвта и холестеролот - вели Канг.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје