X
 03.11.2021 Наша тема

За студентите на „Харвард“ нема невозможно, вели Мила Ивановска, единствениот македонски додипломец на овој универзитет

Мила студира физика на „Харвард“ и вели дека е опкружена со професори кои го поттикнуваат студентот сам да наоѓа нови решенија на задачите, како и со студенти со големи и амбиции и соништа


„Опкружена сум со луѓе кои истовремено се подготвуваат за пласман на Олимписките игри во Париз за 2024, но и учат за да станат неврохирурзи, луѓе кои неколку пати се сретнале со својот идол Линзи Вон и тренирале со освојувачот на Светскиот куп по скијање - Петра Влхова, но кои истовремено сакаат еден ден да работат во Обединетите нации“, вака битолчанката Мила Ивановска, единствениот македонски студент додипломец на најпрестижниот и најелитен американски универзитет „Харвард“, ја опишува новата средина за престој во Масачусетс, САД. Веќе еден и пол месец е во Америка, студира физика, и вели дека релативно добро се вклопила во новата средина.

На аеродромот во Бостон ја пречекаа додипломци на „Харвард“

- При пристигнувањето на аеродромот во Бостон бев пречекана од тројца интернационални студенти кои се исто така на додипломски студии во „Харвард“, но од повисоките години. Тоа беше организирано како дел од програмата наменета за меѓународните бруцоши, позната како FIP (First-Year International Program). Во кампусот сум сместена во Метјус - дел за бруцоши во самиот Харвард јард. Глумецот Мет Дејмон бил сместен во истиот објект во прва година кога студирал на „Харвард“ - раскажува Мила за својот престој на прочуениот универзитет.

Таа постепено се навикнува на средината, а многу е задоволна од многубројните студентски активности што ги нуди универзитетот.
- Особено е добра организацијата на самиот факултет – од какви сѐ не системи за поддршка на студентите до илјадници студентски активности (спортски, академски, професионални, културни...). Мислам дека првпат во животот се соочувам со период кога има премногу работи кои би можела да ги правам, но едноставно немам време за сите, мора да изберам само неколку - додава студентката.


Постојано има многу материјали за совладување

Првите седмици кога почнувале со предавањата ѝ биле дефинитивно потешки отколку сега, бидејќи не знаела кои се очекувањата и обврските. За време на часовите професорите им ги пренесуваат основите од научните дисциплини, но потоа домашното вклучува работи за кои студентот мора сам да размислува или како што вели Мила - „да го вклучиш мозокот, не можеш само да следиш некој алгоритам од задачите на час, а потоа да ги решиш задачите во домашното - треба самиот да смислиш нов план за решавање“.
Константно има многу материјали за совладување и тешко дека студентот може да каже дека завршил со сите домашни навреме зашто редовно излегуваат нови. Но, објаснува дека сѐ додека се посветува голем дел од времето на учењето и се следи материјалот редовно, се постигнува да се заврши сѐ навреме.

Учество на Олимпијада, работа во Обединети нации - се дел од соништата на студентите на „Харвард“


- Речиси секој еден студент овде има големи соништа и амбиции, тоа се луѓе кои за ниедна работа нема да речат дека е невозможно да ја направат. Така и ти добиваш уште поголема мотивација, голем дел од тие луѓе на крајот на денот ти стануваат идоли. Во однос на пријатели, би рекла дека сѐ уште е рано за една цврста група на другари со кои би била постојано, бидејќи секој ден се запознавам со нови луѓе, но во секој случај можам да речам дека има неколку студенти со кои сум поблиска и со кои сум често во контакт - додава Ивановска.

Таа моментално е единствениот додипломец од Македонија на „Харвард“. Има уште двајца студенти кои се на мастер-студии на истиот универзитет - Тале Локвенец и Ана Котевска.
- Иако тие се на мастер-студии, можам да речам дека чувството е убаво кога знаеш дека имаш некој во близина кој доаѓа од иста средина како тебе, некој со кого можеш да ги споредиш искуствата од слична перспектива, а и да зборуваш на македонски јазик. Покрај Тале и Ана, во близина има уште тројца Македонци - Леонид Сајков (со кого учевме во истата гимназија во средно), Еда Авмедовска на Универзитетот „Тафтс“ и Стефан Дамчевски на МИТ - вели Мила.



За 5 години учествуваше на 23 натпревари и освои 18 награди

Она што ѝ недостига е македонската храна, семејството, другарите, планината и гледањето фудбал и ракомет. Но, вели дека добро е што речиси цело време ѝ е исполнето, па нема многу простор да размислува за дома и да станува носталгична.
Таа успеа да влезе со 240 странски студенти што оваа есен го почнаа школувањето на Универзитетот со најдолга традиција во Америка и е единствена Македонка. Школувањето и престојот ѝ се на сметка на „Харвард“. Мила беше дел од најбрилијантните средношколци во земјава - само во последните пет години учествуваше на 23 натпревари и олимпијади, а од 18 се врати со награди. Матурира во познатата битолска гимназија „Јосип Броз-Тито“, а желбата да стане дел од студентското семејство на „Харвард“ ја имаше од поодамна.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема