Научниците се согласуваат: Пиењето кафе е добро за вас. Тоа е добра вест ако, како и повеќето луѓе, уживате во кафето и можеби се потпирате на него за да ви помогне да се разбудите наутро или да останете будни во текот на денот.
Во последните неколку години подеталните истражувања за кафето се обидоа да ја намалат количината на кафе што треба да ја пиете секој ден за максимални придобивки за здравјето и мозокот. Тие го најдоа одговорот - треба да пиете три шолји.
Овој совет доаѓа од д-р Ума Меиду, психијатар од „Харвард“, специјалист за исхрана и готвач. Таа е и автор на бестселерот „Ова е твојот мозок во храна“.
Во една статија на Си-ен-би-си, Маиду објаснува како таа самата го користи кафето како дел од нејзината секојдневна рутина за да ја зајакне функцијата на мозокот.
Зошто баш три шолји? Маиду укажува на студија во која истражувачите го следеле и консумирањето кафе и когнитивното здравје на 676 постари мажи во текот на десет години. Тие откриле дека оние што пијат кафе имале помалку од половина од когнитивниот пад во споредба со оние што не пијат кафе. А оние што пиеле три шолји дневно имале најмал пад од сите. Поголема студија на „Харвард“, со вкупно 208.501 учесник, и мажи и жени, ја испитувала веројатноста за смрт во текот на повеќе од 20 години. Било утврдено дека учесниците што пиеле кафе имале помала веројатност да умрат отколку оние што не пиеле, а најголема шанса за долговечност имале оние што пиеле помеѓу 3 и 5 шолји дневно.
Ако сакате максимални придобивки од пиењето кафе, внимавајте и следете ги овие три правила:
1. Филтрирајте го кафето
Многу софистицирани љубители на кафето сакаат еспресо, француско кафе и турско кафе - а некои ја сакаат скандинавската традиција на варење кафе со јајце во него (понекогаш вклучувајќи ја и лушпата), која го собира талогот. За жал, сите овие верзии на кафе можат да бидат лоши за вас. Кога кафето се прави без филтер-хартија, произлегуваат мрсни хемикалии наречени дитерпени кои можат да го подигнат ЛДЛ холестеролот што ги оштетува артериите.
2. Внимавајте што додавате
Кафето можеби е добро за вас, но шеќерот е многу лош. Ако пиењето кафе за вас значи ставање шеќер во него, не му правите услуга на вашето здравје. Особено ако се земе предвид дека пијалаците на база на еспресо, како лате, се нефилтрирани.
Подобра стратегија е сами да си направите кафе дома користејќи свежо мелени зрна за подобар вкус и подобра контрола врз она што влегува во вашето кафе.
Фото: Freepik
3. Обрнете внимание на сопствените реакции на кафето
Ова е важен совет на Маиду што треба да се следи бидејќи секое тело е различно и секој од нас може различно да реагира на ефектите од кафето. Ако тоа ве натера да се чувствувате нервозни, намалете ја консумацијата.
Истото важи и ако имате проблеми со спиењето. Кофеинот може да влијае врз вашата способност да заспиете, а исто така и дали ќе ја достигнете фазата на длабок сон што и на телото и на мозокот им е потребна за да останат здрави.
Еден од најинтригантните наоди од студијата на „Харвард“ е дека оние што пијат кафе имале двојно 50 отсто помала веројатност да извршат самоубиство во споредба со оние што не пијат кафе. Истражувачите веруваат дека објаснувањето може да биде дека кафето ги поттикнува мозочните хемикалии што имаат антидепресивен ефект.
Извор:
Inc.com
Фото: Freepik