X
 22.05.2023 Образование

Лука Павиќевиќ во елитното друштво на „Харвард“: Ќе студира на универзитет каде што завршиле осум претседатели на САД

Кога ќе аплицирате на десет престижни универзитети во САД, Велика Британија и Канада и од сите ќе добиете потврден одговор дека сте примени, финалната одлука е навистина тешка. Но, кога еден од тие универзитети е прворангираниот во светот – „Харвард“, крајната одлука самата се наметнува. Ова е искуството на матурантот од Меѓународното училиште НОВА, Лука Павиќевиќ, кој од следната академска година ќе биде студент на реномираниот американски универзитет каде што, меѓу другите, студирале и осум претседатели на САД и 49 добитници на Нобеловата награда.

За да биде радоста комплетна, Лука е примен на Факултетот за науки и уметности на „Харвард“ со стипендија која не само што ги покрива школарината и другите академски такси, туку и трошоците за живот, сместување, храна, здравствено осигурување...

- Оваа година да се биде примен беше особен предизвик, имајќи предвид дека само 3,41% од апликантите се примени, што е втора најниска стапка на прием во историјата на Универзитетот. Академските и воннаставните можности што ги нуди „Харвард“, еминентниот професорски кадар и многуте можности кои ги отвора оваа институција, беа логичен предуслов за мојата крајна одлука – вели Лука.



Тој објаснува дека американските универзитети генерално имаат модел на образование според кој е важно студентите да се стекнат со најразлични интердисциплинарни знаења и затоа во првата година од студиите изучуваат предмети од најразлични области. На почетокот на втората година од студиите ќе треба да избере конкретно поле на интерес на кое ќе му се посвети во следните три години. Во моментов, тој се двоуми околу историја или политички науки, иако вели дека засега повеќе е насочен кон првото. Исто така, „Харвард“ нуди и можност за создавање таканаречена специјална концентрација, односно студентот сам си ја дизајнира својата диплома според предметите што ќе ги изучува. И оваа можност е многу интересна за Лука, кој истакнува дека добро ќе размисли за неа по завршувањето на првата година.

- Историјата отсекогаш ме интересирала бидејќи за мене таа е дисциплина над дисциплините. Додека секоја наука има свој определен (и ограничен) домен, историјата го содржи целокупното човеково постоење, односно во нејзиното изучување истражувачот може да ѝ пристапи од кој агол и да посака. Историјата ми овозможува да ги истражувам моите најдлабоки интереси оти тие секако не се ништо особено ново бидејќи нивните зачетоци секогаш човек ќе ги најде во минатото. Понатаму, несомнено е дека историјата влијае врз нашето сегашно живеење и за да можеме истото да го подобриме, најпрвин треба да го разбереме минатото - објаснува Лука.

Аплицирањето на различни светски универзитети бил долг и содржаен процес, но за него не бил тежок или напорен. Напротив, го доживеал како возбудливо и предизвикувачко искуство.

- Процесот е различен од држава во држава. На пример, институциите во САД ги избираат кандидатите врз основа на холистичкиот пристап. За прием не се потребни само академските информации (предмети и оценки), туку универзитетите бараат информации за најмногу 10 воннаставни активности, резултати од стандардизираните тестирања (SAT) и пишување личен есеј од најмногу 650 збора. Ако се аплицира за финансиска помош, потребно е да се приложат финансиски формулари и даночни пријави, а секој универзитет има и свој сет прашања кои честопати се есејски. На пример, за „Харвард“ беше потребно да напишам два есеја. Обата система бараат препораки од професорите, но спроведуваат и интервјуа со потесниот избор на кандидати. Ученикот секако е господар на својот апликациски процес, од него зависи пополнувањето на формуларите, пишувањето на есеите и почитувањето на роковите, но академските советници во „НОВА“ ги запознаваат учениците со овие процеси уште во првата година од средното образование. Оваа можност ја немаат учениците во државните училишта, а сметам дека многу помага во олеснувањето на процесот - објаснува Лука.



Тој потенцира дека светските универзитети не бараат само совршени оценки. Тие многу повеќе го ценат ученикот кој изучувал предмети на повисоко и потешко ниво иако можеби немал највисоки оценки по сите нив. За учениците од НОВА овој услов е исполнет бидејќи училиштето ја нуди предизвикувачката IB-програма (Меѓународна матура), а високите оценки во оваа програма за универзитетите се потврда дека кандидатот може да успее и на факултетско ниво. Според Лука, сепак професорите се стожер на овој процес, не само од наставна гледна точка, бидејќи тие му се посветуваат на секој ученик поединечно преку дополнителни консултации, дообјаснување на наставниот материјал, охрабрување да ги развива личните интереси и сл. Конкретно, во процесот на аплицирање, секој универзитет бара две или повеќе препораки од професори по избор на ученикот.

- Нашите професори овие препораки ги пишуваат во своето слободно време. Сигурен сум дека посветено го пишуваат писмото за секој ученик, внесувајќи што е можно повеќе детали, а јас лично не сум бил одбиен од професор кога сум побарал препорака. Исто така, тие се отворени и да помагаат при процесот на аплицирање. На пример, мене препораките ми ги пишуваа професорите по Економија, Теорија на знаење (филозофија) и по Англиски јазик и литература, која доброволно ги провери сите првични нацрти на моите есеи. Сите професори се отворени, ми се случувало дури да ми испраќаат преку е-пошта и можности на кои наишле, а сметале дека се добри за мене – вели Лука.

Тој го истакнува и ангажманот на академските советници од училиштето, кои го координирале целиот процес на аплицирање, почнувајќи од пишувањето посебни препораки и извештаи, преку правење список на универзитети за секој ученик посебно, до барање програми за стипендии и потсетување за крајните рокови.

Најголем предизвик за Лука ќе биде преселбата во САД и навикнувањето на новата културолошка средина, но особено го радува тоа што ќе се најде во компетитивна академска средина која ги стимулира и студентите и професорите да го дадат најдоброто од себе. Тој не планира да се задоволи само со диплома од „Харвард“, туку сака да го продолжи образованието сè до стекнувањето со докторат.

- Што се однесува до кариерата, себеси се гледам како професор по историски науки на универзитетска катедра. Покрај тоа, разгледувам и кариера во правото, новинарството или дипломатијата. Ме привлекува една постдипломска програма на „Харвард“ која трае шест години и овозможува здобивање и со правна диплома (Juris Doctor) и со докторат во која било област. Поради интересот за дипломатија, планирам на додипломските студии да го подобрам моето познавање на францускиот и германскиот јазик - завршува Лука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование