Колку навистина се шири коронавирусот од невакцинирани луѓе? Ова прашање е одговорено во студија на Универзитетот „Хумболт“ за која пишува „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“.
Во написот се наведува дека од почетокот на вакцинацијата против ковид-19 до средината на ноември повеќе од 260.000 вакцинирани лица во Германија развиле симптоми по инфекција со коронавирус. Од средината на октомври до средината на ноември речиси половина од вакцинираните возрасни помлади од 60 години биле вакцинирани. Кај постарите заразени, уделот на вакцинирани бил дури 70 отсто.
Во текстот се посочува дека овие бројки се релативизираат со фактот дека вакцинираните возрасни лица во Германија се речиси четирипати повеќе од невакцинираните и дека ефикасноста на вакцината, особено кај постарите лица кои први биле вакцинирани, со текот на времето ослабнала.
- Она што сега го гледаме не е само „пандемија на невакцинирани“. Но, колкав е уделот на невакцинираните во моменталната ситуација со ширењето на заразата - се поставува прашање во напис во германски весник со наслов „Во девет од десет инфекции учествува едно невакцинирано лице“.
Невакцинираните предизвикале 76 отсто од инфекциите
Авторот на статијата анализирал студија на група научници од Универзитетот „Хумболт“ на оваа тема, која прелиминарно била објавена на веб-страницата „medRxiv“.
Истражувачите користеле податоци од 11 октомври до 7 ноември, кога стапката на репродукција била 1,2, што значи дека секој пациент во просек заразил повеќе од едно лице.
За ефективноста на вакцината ги зеле податоците на Институтот „Роберт Кох“, според кои кај групата вакцинирани лица вакцината спречува 72 отсто од инфекциите кои би се јавиле кај еквивалентната група невакцинирани лица. Дополнително, авторите на студијата претпоставиле дека вакцинираната личност има помала веројатноста да го пренесе вирусот на други, бидејќи е заразена пократок временски период.
Фото: Freepik
Земајќи ги предвид сите овие податоци, научниците дошле до заклучок дека ширењето на инфекцијата во групата која се состои само од вакцинирани лица се јавува во 9 отсто од случаите. Со други зборови, најмалку едно невакцинирано лице е вклучено во околу девет од десет случаи на ширење на инфекцијата. Тие, исто така, заклучиле дека 76 отсто од сите случаи на инфекција се предизвикани од невакцинирани лица.
Аргумент за вакцинација
Бидејќи ефектот на вакцината се заснова само на бројот на симптоматски случаи пријавени во Институтот „Роберт Кох“, научниците развиле друго сценарио во кое ефективноста на вакцината би била само помеѓу 50 и 60 отсто. Во тоа сценарио процентот на инфекции што ги пренесуваат невакцинираните е 67 отсто.
Според написот во „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, овие научни модели овозможуваат да се преиспитаат начините за намалување на стапката на репродукција на помалку од 1, со цел да се ограничи ширењето на инфекцијата. Весникот го наведува заклучокот на научниците дека би било неопходно да се намали ширењето на вирусот кај невакцинираните луѓе за 25 отсто за да се запре експоненцијалниот раст.
- Но, ваквите мерки насочени кон невакцинираните групи се етички сомнителни и логистички речиси неостварливи - велат самите автори и експлицитно предупредуваат дека не треба да се преувеличува толкувањето на резултатите, што би се сфатило како препорака за соодветни мерки. Најпрво, резултатите ја нагласуваат важноста на вакцинацијата и може барем малку да ги смират вакцинираните лица. А за невакцинираните, кои сè уште се двоумат дали нивната вакцинација навистина би значела нешто, треба да биде уште еден аргумент плус за да се вакцинираат.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Freepik