X
 03.03.2020 Наука

Билингвалноста на која било возраст е предност поради начинот на кој го менува мозокот

Една морална дилема: воз оди кон пет луѓе. Вие стоите до голем човек кој носи тежок ранец. Ако го турнете овој човек на шините, ќе умре, но тој и неговиот тежок ранец ќе го запрат возот, така што ќе се спасат другите петмина. Дали ќе го турнете?

Можеби рационално знаете дека има смисла да се убие едно лице за да се спасат пет други, но емотивно ова е ужасна задача. Научниците откриле дека некој што зборува два јазици има поголема веројатност да направи попрактичен, помалку емоционален избор кога ќе му биде поставена оваа морална дилема на вториот јазик што го зборува. Билингвалната личност веројатно ќе убие еден за да спаси петмина.

Токму ова е едно од интересните откритија во книгата „Билингвален мозок“ на невропсихологот Алберт Коста. Сите луѓе донесуваат избор врз основа на некој елемент на емоција - можеби страв од загуба, страв од ризик или чувство на морал. Одлуката што ќе ја донесете ќе зависи од начинот на кој ви е изречена, кои зборови се користени, што ќе предизвикаат различни емоции. Истражувањето на Коста покажува дека ако донесете одлука на вториот јазик што го зборувате, поголема е веројатноста да биде порационална отколку поемотивна личност.

- Ова би можело да има големо влијание врз одлуките од реалниот живот во компаниите, владата, законот - вели Сесил де Кат, професорка по лингвистика, која ја следела работата на неодамна починатиот Коста.

jazik
Фото: Pixabay

Зошто мозокот на билингвалните лица функционира подобро?

До 60-тите години билингвалноста не се одобрувала затоа што се верувало дека во мозокот на детето има место само за еден јазик. Во изминатите 50 години истражувањата докажаа дека билингвалноста всушност е добра за мозокот. А учењето јазик дури и во подоцнежни години му помага на мозокот да остане силен.

Неверојатно е и тоа што бебињата можат да прават разлика помеѓу јазиците додека се во матката. До моментот кога ќе се родат, тие можат да забележат индиции за различните јазици. Така, на пример, тие знаат дека едниот јазик има поголема висина, додека друг има различни звуци.

Работата на Коста покажува дека кога детето има четири години, eфектите од двојазичноста почнуваат да се појавуваат. Дeтето што зборува два јазика подобро сфаќа дека некој може да има поинаква гледна точка од него.

- Постои зголемена чувствителност на перспектива дека некој можеби не ги гледа работите на ист начин како што ги гледам јас или можеби не знае нешто што јас го знам - вели Де Кат.

Се разбира, има смисла тоа дека детето постојано го менува јазикот според тоа како се наоѓа и со кого разговара. Не дека билингвалните деца се нужно поемпатични, туку нивните мозоци се посвесни дека луѓето гледаат и чувствуваат поинаку.

Фокус и креативност

Билингвалните лица честопати полесно се фокусираат.

- Ова е една од предностите што повеќе истражувачи ги најдоа. Билингвалниот мозок може да успее да не обрне внимание на нешто што може да го збуни, па може да ги блокира работите кога е потребно - вели Де Кат.

Истражувањата од снимките на мозок кај билингвални лица покажуваат дека секогаш го потиснуваат поривот за употреба на зборови и граматика од нивниот друг јазик, а мозокот секогаш одлучува кога ќе се користи некој од јазиците.

Освен што се подобро фокусирани, билингвалните лица можат полесно да се префрлат помеѓу задачите. Така, на пример, билингвалните деца, ако ги замолите да сортираат играчки по боја, а веднаш потоа да ги сортираат по форма, тие полесно ќе се приспособат на новата задача отколку дете што зборува еден јазик.

Билингвалноста може да ги олесни практичните работи, но она што е неверојатно е дека учењето нов јазик може да ја спречи Алцхајмеровата болест. Многу истражувања покажуваат дека без оглед на возраста на која учите јазик, менталниот напор потребен да се префрлите помеѓу јазиците го зголемува обемот на сивата материја во делови од мозокот одговорни за учење и задржување на краткорочната меморија.

- Не станува збор за тоа колку течно ќе го зборувате јазикот, туку колку ќе напредувате. Истражувањата покажуваат дека дури и кога мозокот бил изложен на нов јазик неколку часа во текот на неколку недели, бил забележан позитивен ефект - вели Де Кат.

Извор: Inews.co.uk
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука