X
 03.12.2021 Живот

„Мултиоригинал“ - уметнички проект на студентите од ФЛУ

На некогашниот Графички оддел, а сега Катедра по графика, академското образование го завршиле четириесет и една генерација академски графичари, чии графички оригинални отпечатоци се чуваат во депото

Денеска, со почеток во 12 часот, во Сули ан ќе биде претставен уметничкиот проект „Мултиоригинал“, во кој учествуваат сегашните студенти на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во организација на наставниот кадар. Проектот претставува иницијатива и првичен обид за подобра организација и осовременување на депото за графика при ФЛУ.

Изложбата ги бележи првичните импресии на учесниците на дел од графиките од своите постари колеги, како од: Кате Биновска, Даниела Андонова, Благица Николова, Надица Златкова, Дејан Стојановиќ, Валбона Муслиу, Жанета Стаиќ, Маргарита Аврамовска, Славица Јанешлиева и Стефан Јакимовски, а до нив графиките на сегашните студенти: Милена Петковска, Марија Симоновска, Марко Печеновиќ, Тамара Марчевска, Евгенија Трајковска, Сара Митковска, Викторија Калемџиевска и Стефан Јакимовски.

Од своето основање во 1980 година, Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја негува графиката како една од основните изразни ликовни/визуелни дисциплини. На порано Графичкиот оддел, а сега Катедра по графика, академското образование го завршиле четириесет и една генерација академски графичари, чии графички оригинални отпечатоци се чуваат во депото. Катедрата по графика може да се пофали со најбогата збирка на македонска графика во државата.

- Сметаме дека Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, односно Катедрата по графика, со својот стар вонвременски објект Сули ан (кој е од непроценливо културно значење), со богатото графичко дело, графичките работилници/ателјеа и малиот изложбен простор може да прерасне во значаен графички центар на државата и место за собир на љубителите на графиката и уметниците-графичарите - велат од ФЛУ.
Изложбата ќе се одржува според протоколите за заштита од ковид-19. При влез во галеријата задолжително е носење заштитна маска и одржување растојание.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот