X
 21.07.2023 Наша тема

Стефан Божиновски, дипломира на ФЛУ со просек 9,92 и е еден од најдобрите студенти на УКИМ: „Верувам дека уметноста ќе го спаси светот“

Успехот бара влог од аспект на време, енергија, а често и средства. Често сме останувале по цели денови на факултет за да се искористи колку што може времето додека може да се работи. Ако повеќето го сметаат тоа за жртва, тогаш може да се каже така. Најчесто ние од уметничките факултети не гледаме на тоа на таков начин, па не ги сфаќаме тие влогови нужно како жртвување на нешто

Стефан Божиновски е еден од најдобрите студенти на УКИМ. Тој дипломира на Факултетот за ликовна уметност и верува во максимата: „Уметноста ќе го спаси светот“. Вели дека е почестен што е дел од најдобрите студенти на УКИМ за 2021/2022 година.

- Драго ми е што на еден симболичен начин, од матичната институција под која сум студирал, се уважува и му се дава вредност на вложениот труд во текот на моето студирање. Уште подраго ми е што всушност се работи за двојно признание: за најдобар студент на УКИМ од Факултетот за ликовни уметности и за континуиран одличен успех во текот на студирањето - награда „26 Јули“ преку Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија, за факултети од областите на архитектура, општествени науки и уметности - ни сподели Стефан.



Завршил со просек 9,92

Уште од основно училиште одржувал континуиран одличен успех, обидувајќи се да внесе максимален труд во своето образование и надградување. Но како помал немал визија, ниту план за професионално насочување кон уметноста.

-Првичните мои интереси беа во областите на историјата и литературата. Сепак, уште од мал имав исполнето мноштво тетратки со цртежи, главно од цртани ликови, како и обиди за пишување книги, раскази и сл. Во последните години од средното образование бев мошне заинтересиран за антиката и античката култура. Тоа влијаеше врз мојот прв избор на факултет: Филозофскиот факултет при УКИМ, на Катедрата на класична филологија. По првата година сепак преовлада мојот потсвесен нагон за креативно изразување и решив да преземам несигурен чекор кон нешто што дотогаш недоволно блиску го познавав, но чувствував дека ми е потребно. Интуицијата над разумот, би рекол. Изборот тогаш ми падна на Катедрата за графика на Факултетот за ликовни уметности, како нешто што во тој момент ми се виде најзагатливо, нешто што го немам толку пошироко сретнато, и со тоа најпредизвикувачко за истражување. По краткотрајни подготовки и несигурност од исходот на овој чекор, успеав да влезам на приемниот испит и сѐ понатаму е историја - вели Стефан.



На ФЛУ завршил со просек 9,92. Вели дека мотивацијата секогаш му доаѓала однатре. Оценките сами си се формирале без да ги брка. Позначајно му било да усвои техника и вештина, како и развиено креативно размислување и изразување одошто да усвојува факти.

- Верував, и сѐ уште го имам тоа убедување, дека секогаш треба да се трудиме да бидеме подобри од себеси, да се трудиме да направиме нешто подобро од она што претходно сме го постигнале. Според мене, тоа е клучно за успех и раст. За време на студирањето гледав да извлечам најмногу што можам од она што ми се нуди, да го искористам максимално фактот дека сум на тоа место и дека имам можност да го работам тоа. Сметам дека тоа е една од најважните работи во образованието од областа на уметностите. Како што и претходно спомнав, себепредизвикувањето беше мошне поттикнувачко во процесот: настрана од зададените задачи од професорите, важно е што, колку и како ти ќе си зададеш како предизвик што треба да го надминеш за да пораснеш како личност и уметник. Тоа е своевидна вежба и за понатаму, која отвора нови можности каде што ти самиот ќе си ги создадеш - додава тој.



По цели денови бил на факултет

Да се постигне успех, не било тешко. Ако си посветен и зaинтересиран, ќе се вреднува и знаењето, вели тој. Позначајно за успехот е континуирана работа, усвојување техники и проширување на размислувањата.

- Успехот бара влог од аспект на време, енергија, а често и средства (таков е карактерот на ликовната практика). Често сме останувале по цели денови на факултет за да се искористи колку што може времето додека може да се работи. Ако повеќето го сметаат тоа за жртва, тогаш може да се каже така. Најчесто ние од уметничките факултети не гледаме на тоа на таков начин, па не ги сфаќаме тие влогови нужно како жртвување на нешто. Сѐ е тоа влог кон постигнување и реализирање вежба, дело, мисла итн., и тоа е она што го вреднуваме, од почеток до крај на студирањето, а секако и понатаму. Главниот фокус најчесто природно на сите ни бил на главните предмети од катедрата на која сме студирале, во мојот случај графика. Кај нас генерално предавањата и вежбите, особено за овие главни предмети, беа мошне флексибилни со време, односно не беа стриктно временски ограничени (имаше само формална рамка), па можеш сам да си одредуваш колку време сакаш да посветиш на работа. Секако, сѐ тоа влијае и врз сопствениот успех и постигнувања. На крајот од денот секогаш беше некако забавно, интересно во ателјето/печатницата, испробувајќи техники, нови идеи, различни визуелни изрази во можностите што ги нуди графиката. Во последните две години од студирањето се фокусирав и на мојот изборен модул - сценографија. Неа ја гледам како спој на ликовното и драмското, па интересирајќи се и за двете области, природно се посветив и на нејзино истражување. Дури и мојот дипломски труд беше обид за спој на ликовното (графиката) и драмското (театар преку сценографија), што беше мошне интересна меѓуобласт за истражување и резултира со потенцијална сценографска поставка за драмски текст во која се вклучени графички дела - раскажува Стефан.

Моите планови се повеќе желби за постигнување


Како што вели тој, иднината често не е толку сигурна за уметниците. Но, повеќето се решаваат да се борат со тоа затоа што веќе решиле да тргнат по тој пат.



- Моите планови се повеќе желби за постигнување. Културата како област секогаш ќе биде примамлива за мене. Би сакал да се доизградувам на полето на визуелните и применетите уметности, како и на полето на перформативните уметности. Отсекогаш сум бил амбициозен, па претендирам да ја одржам таа моја карактеристика. Секогаш како некоја визија сум си поставувал некоја мисла или замисла која навидум е многу тешко да се оствари за да ме потсетува и предизвикува да работам, па можеби еден ден ќе се оствари. Било тоа да е работа во театар, на филм, во ликовни институции, некаде каде што ќе можам да го применам и проширам моето знаење од визуелните уметности, и пошироко од уметноста во целост, тоа ми е некој вид водилка низ моменталните активности. Интердисциплинарниот пристап мошне ме интересира и гледам да се развивам така, отворајќи си погледи во пошироки аспекти на уметноста. Развивам одредени идеи и проекти, повторно од интердисциплинарен карактер, и се надевам дека во скоро време би биле изведени. Се надевам и на конечна изведба на претстава која веќе одреден период е во развој - вели Стефан.

На прашањето какви промени би сакал да иницира на полето на уметноста, тој вели:

- Сметам дека во областа на уметноста соработката е мошне важна. И визуелните уметници, и уште повеќе општо уметниците, можат да направат многу повеќе заедно одошто засебно, многу поголеми и покомплицирани нешта можат да се родат кога различни умови и вештини ќе се спојат на едно место. Исто така, би сакал да пратам порака до сите институции и колеги од културата за отвореност, за давање поголеми можности кон новите лица на културната сцена, кон новите идеи и погледи, за да има простор и тие да се изградат и да придонесат назад, што есенцијално е и крајната цел - посочува Стефан.



Тој моментално е фокусиран и се обидува да се изгради како рамноправен член на културната сцена дома.

- Доколку ми излезе можност, би сакал да го надградувам своето знаење во проширеното поле на уметноста, во визуелните и применетите уметности и во интердисциплинарните практики, и тоа пожелно е надвор од Македонија. Сметам дека тоа би ми било лично од поголема корист затоа што ќе можам да создадам дополнителни контакти, да добијам различни искуства, од различна средина и различни луѓе, нешто што сметам дека е богатство само за себе и придонесува многу во личниот и професионален развој. Осврнувајќи се кон нешто што претходно го споменав, дотогаш ни останува да се бориме за своето место под сонцето, повикувајќи се на една позната изрека на Достоевски, малку модифицирајќи ја: Уметноста ќе го спаси светот - завршува Стефан Божиновски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема