Веќе е 23 часот среде недела, а светлото во собата на вашиот тинејџер сѐ уште свети. Вие сакате тој да се наспие за следниот ден, но тоа е вистинска борба. Ново истражување покажува што се случува со мозоците и однесувањето на тинејџерите по години откако ќе станат ноќни птици.
Истражувачи од Универзитетот во Мелбурн истакнуваат дека утврдиле дека промената во шемата на спиење го зголемува ризикот од проблеми со однесувањето и го одложува развојот на мозокот подоцна во адолесценцијата. Но, не се сите вести за ноќните птици лоши.
Шемите на спиење на луѓето се менуваат за време на нивните тинејџерски години. Тинејџерите може да останат будни подолго, да заспиваат подоцна и да спијат до подоцна следниот ден. Многу тинејџери, исто така, се менуваат и од ранобудници стануваат ноќни птици. Тие се чувствуваат попродуктивни подоцна, преферираат да си легнуваат подоцна и да се будат подоцна следниот ден.
Таа промена може да дојде во судир со нивните обврски. Хроничниот недостиг на сон може да е објаснувањето зошто тинејџерите кои се ноќни птици се во поголем ризик од емоционални и проблеми со однесувањето.
Истражувањата посочуваат и дека ранобудниците и ноќните птици имаат различна структура на мозокот. Тука се вклучени разликите и во сивата и во белата материја, кои се поврзуваат со разликите во меморијата, емоционалната благосостојба, вниманието и емпатијата.
Но, дали тоа што се ноќни птици го зголемува ризикот за подоцнежни емоционални и проблеми со однесувањето кај тинејџерите? Или дали емоционалните и проблемите со однесувањето водат до тоа некој да стане ноќна птица?
Истражувачите се обиделе да одговорат на овие прашања така што со години следеле тинејџери.
Тие побарале од повеќе од 200 тинејџери и нивните родители да пополнат серија прашалници за спиењето на тинејџерите, како и за нивната емоционална и благосостојбата во однесувањето. Учесниците ги повториле прашалниците неколку пати во текот на седум години. Тинејџерите биле и на две скенирања на мозокот во рок од неколку години за да се испита развојот на мозоците. Научниците се фокусирале на мапирање на промените во структурата на белата материја, за која во претходни истражувања се покажала дека е различна кај ранобудниците и ноќните птици.
Научниците утврдиле дека кај тинејџерите кои станале ноќни птици во раната адолесценција (на околу 12-13 години) имало поголема веројатност да имаат проблеми со однесувањето неколку години подоцна. Тука се вклучуваат поголемата агресија, прекршување на правилата и антисоцијални однесувања. Сепак, кај нив немало зголемен ризик од емоционални проблеми, како анксиозност или нерасположеност.
Важно е да се напомене дека таа врска не се јавила во обратната насока. Со други зборови, научниците утврдиле дека пораните емоционални и проблеми со однесувањето не влијаеле врз тоа дали тинејџерот ќе стане ранобудник или ноќна птица во доцната адолесценција.
Истражувањето покажало и дека тинејџерите кои станале ноќни птици имале различна стапка на развој на мозокот од оние што останале ранобудници. Научниците утврдиле дека белата материја кај ноќните птици не се зголемувала до истиот степен како кај тинејџерите ранобудници. Знаеме дека растот на белата материја е важен во тие години за да го поддржи когнитивниот и емоционалниот развој.
Сепак, истражувањето покажало дека можеме да ги промениме навиките. На пример, изложувањето на светлина (дури и вештачка) го менува нашиот цикардијален ритам, што може да влијае врз нашиот сон. Па, минимизирањето на изложувањето на светлина и екрани навечер може да е еден од начините за промена на навиките. Изложувањето на светлина наутро, исто така, може да помогне во менување на внатрешните часовници. Така, може да го охрабрите вашиот тинејџер да појадува надвор, на пример, на балкон, пред да оди на училиште.
Извор:
Science Alert