Поради заклучувањето на земјите, некои луѓе почнале да консумираат повеќе алкохол за полесно да се справат со стресот, покажува ново истражување.
Иако се чини дека општата потрошувачка на алкохол се намалува, истражување објавено во „Би-ем-џи оупен“ открива дека секој трет возрасен човек (36 отсто) ја зголемил потрошувачката на алкохол за време на првото заклучување.
Истражувачи од Универзитетот во Кембриџ истражувале дали стресот поради пандемијата влијае врз потрошувачката на алкохол. Помеѓу 14 и 28 мај 2020 година, 1.346 луѓе низ светот пополниле онлајн-анкета за нивните навики за пиење пред и за време на заклучувањето. Истражувачите ги споредиле податоците со оние од ноември 2019 година.
Додека единиците алкохол консумирани неделно се намалувале од просечно 8,32 единици во ноември на 8,03 единици за време на заклучувањето, дури 36 отсто од луѓето пиеле повеќе за време на заклучувањето. На пример, во Велика Британија, единиците на алкохолни пијалаци што се консумирале неделно се зголемиле од 10,94 на 11,25.
- Иако во Канада и САД луѓето помалку пиеле во текот на заклучувањето, во Велика Британија има мал пораст на потрошувачката на алкохол - вели Саманта Н.Сали, водечки автор на истражувањето.
Фото: Freepik
Постарите лица ја зголемиле консумацијата на
алкохол повеќе од помладите за време на заклучувањето, од 10 на 11 единици. Испитаниците со деца пријавиле зголемување на потрошувачката на алкохол за време на заклучувањето, помеѓу 0,54 и 2,02 единици. Истражувачите велат дека ова покажува дека дополнителниот товар за грижата за децата и онлајн-учењето од дома влијаело врз родителите и нивните навики кога станува збор за пиењето алкохол.
- Родителите кои за време на заклучувањето морале да преземат дополнителни одговорности за грижа за децата, а истовремено имале промени и во работната рутина, се соочувале со дополнителен стрес, што ја зголемило нивната склоност кон пиење - вели Сали.
И меѓу работниците во есенцијалните професии, а особено кај здравствените работници е зголемено консумирањето на алкохол помеѓу 0,45 и 1,26 единици. Луѓето чии блиски се разболеле или починале од Ковид-19 покажале зголемување на проблематичното пиење.
Иако мажите пиеле повеќе за време на заклучувањето отколку жените, жените за возврат пиеле повеќе жестоки пијалаци, што посочува дека тие го консумирале алкохолот за подобро да се справат со стресот.
Извор:
Bmjopen.com |
Medicalexpress.com
Фото: Freepik