Ново истражување потврдило дека ако спиете помалку од пет часа претходната ноќ, имате еднаква веројатност да бидете вклучени во сообраќајна несреќа како да возите под дејство на алкохол.
Познато е дека околу 20 отсто од сите сообраќајни несреќи се резултат на замор на возачот. Во текот на претходните децении, бројот на сообраќајни несреќи предизвикани од алкохол донекаде се намали, но бројот на сообраќајни несреќи поради замор остана ист.
Бидејќи е утврдено дозволеното или недозволено количество алкохол во крвта, научниците сакале да го утврдат минималното количество сон потребно за безбедно возење автомобил. За да го утврдат тоа, тие ги анализирале резултатите добиени од лабораториски и теренски студии кои се занимавале со оваа проблематика.
По анализа на 61 уникатно истражување, истражувачите откриле дека спиењето помалку од четири до пет часа во претходните 24 часа е поврзано со приближно двојно поголем ризик од сообраќајна несреќа. Тоа би бил ист ризик како кога возачот има 0,05 промили алкохол во крвта.
Ризикот значително се зголемува со секој изгубен час сон претходната ноќ. Некои студии дури покажаа дека кога возачот спиел помалку од четири часа претходната ноќ, веројатноста за сообраќајна несреќа може да биде и до 15 пати поголема.
Врз основа на овие анализи, објавени во списанието „Нејчр енд сајнс оф слип“, научниците веруваат дека би било разумно да се бара од возачите да не управуваат со возилото ако не спиеле доволно. Ако ова се усогласи со степенот на ризик кој се смета за прифатлив за интоксикација, може да се размисли за потребата да се пропишат најмалку четири до пет часа спиење пред возење.
Сепак, мора да се земат предвид повеќе аспекти отколку научни докази. Во повеќето случаи, пиењето алкохол е независна одлука на поединецот. Но, многу луѓе не можат да изберат да спијат повеќе. На пример, родители со бебиња, работници во смени и луѓе со нарушувања на спиењето. И не само тоа, туку за да се регулира ова правило, би била неопходна јавна поддршка, како и инструменти со кои би можело да се утврди колку некој спиел во претходните 24 часа.
Затоа, засега останува само да апелираме на совест и да предупредиме на опасностите кои уморот и недостигот на сон може да ги предизвика во сообраќајот.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Freepik