X
 04.01.2022 Живот

Теоријата на Бонхофер за глупоста: „Глупавите луѓе се поопасни од злобните“

Во најтемниот период од германската историја, во време кога разгневената толпа фрлала камења по излозите на невините сопственици на продавници, а жените и децата биле брутално понижувани во јавноста, младиот свештеник Дитрих Бонхофер почнал да зборува против злосторствата извршени од режимот. По долгогодишни обиди да го промени мислењето на луѓето, Дитрих Бонхофер се вратил дома една вечер и неговиот роден татко му кажал дека во собата го чекаат двајца мажи со намера да го одведат.

Во затворот Бонхофер почнал да размислува за тоа како неговата земја на поети и мислители се претворила во група измамници и криминалци. На крајот, тој заклучил дека коренот на проблемот не е злобата, туку глупоста бидејќи иако е можно да се побуниме против злото, тоа може да се разоткрие и спречи со употреба на сила, но беспомошни сме против глупоста. Ни протести ни употребата на сила не може да постигне ништо. Аргументите не допираат до „тврди“ уши. Кога фактите се спротивни на предрасудите на една глупава личност, таа не чувствува дека треба да верува во нив, а кога се непобитни, само ги турка настрана, сметајќи ги за безначајни и арогантни. Во сето тоа, глупавиот човек е многу самозадоволен, а бидејќи лесно се нервира, станува опасен и напаѓа. Затоа треба да бидете повнимателни кога имате работа со глупава личност отколку со злонамерна.

Ако сакаме да научиме како да ја коригираме глупоста, мора да се стремиме да ја разбереме нејзината природа. Сосема е сигурно: глупоста во својата суштина не е интелектуално нарушување, туку морално. Има човечки суштества кои се интелектуално паметни, но глупави. Има и други кои се интелектуално здодевни, но воопшто не се глупави. Впечатокот што се добива не е толку дека глупоста е вродена маана, туку дека под одредени околности луѓето стануваат глупави или подобро кажано си дозволуваат да станат глупави.

Луѓето што живеат сами имаат помала веројатност да го покажат овој недостаток отколку поединците во групи. Заклучокот е дека глупоста не е толку психолошки колку социолошки проблем. Станува очигледно дека секое моќно зголемување на моќта, без разлика дали е политичко или религиозно по природа, заразува голем дел од човештвото со глупост. Речиси како да е социо-психолошки закон каде што моќта на едниот бара глупост на другиот.

Процесот што се одвива не значи дека одреден човечки капацитет, како што е интелектот, пропаѓа, но се чини дека под огромно влијание на растечката моќ луѓето остануваат лишени од својата внатрешна независност и повеќе или помалку свесно се откажуваат од независното размислување. Фактот дека глупавиот човек често е тврдоглав не смее да го прикрие фактот дека тој не е независен. Во разговор со таква личност имате впечаток дека не комуницирате со личноста, туку со паролите и фразите што ја преплавиле.

Таа личност е маѓепсана, заслепена, злоупотребувана и малтретирана во сржта на своето битие и на тој начин станува безумно оружје. Глупавиот човек станува способен да направи секакво зло, а притоа не може да препознае дека тоа е зло. Само чин на ослободување, а не учење, може да ја победи глупоста. Овде мора да се помириме со фактот дека во повеќето случаи вистинското внатрешно ослободување станува возможно само кога ќе му претходи надворешно ослободување. Дотогаш, мора да ги напуштиме сите обиди да го убедиме глупавиот човек.

Бонхофер починал поради неговата вмешаност во заговор против Адолф Хитлер во мугрите на 9 април 1945 година, во концентрациониот логор Флозенберг, две недели пред американските трупи да го ослободат кампот.


Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот