17.11.2018
Култура
Филмот „ЕЈ!“ на Васил Христов за киднапирањето на премиерот ќе го затвори Синедејс
Македонскиот филм „Еј!“ на режисерот Васил Христов ќе ја има својата премиера на завршната вечер од филмскиот фестивал „Синедејс“ во недела на 18 ноември.
„Еј!“ е сниман пред точно десет години без никаков буџет и поддршка од тогашниот филмски фонд. Режисерот Васил Христов вели дека филмот настанал по неговата позната субверзивна претстава „Мара Сад“, која и покрај овациите на публиката била тргната од репертоарот на театарот.
Како одговор на политичката цензура, голем дел од екипата на претставата – поточно околу педесетина соработници, обединети во неформалниот „Еј! Колектив“ решиле да снимат целовечерен игран филм. Филмот е политичка сатира, а тимот од професионални ентузијасти го снимил за шест недели, работејќи по шеснаесет часа дневно.
За време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиртуална сеанса во која на шега се обидуваат да го повикаат духот на Александар Македонски. Наместо него, меѓу нив се материјализира премиерот на земјата. Набргу низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот премиер.
Куриозитет е тоа што премиерата на филмот коинцидира со „филмското“ исчезнување на поранешниот премиер, односно неговото бегство од издржување на затворската казна и гласините за неговото киднапирање.
Во филмот играат голем број на актери кои низ годините изградија успешни домашни и меѓународни кариери: Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Александар Микиќ, Игор Ангелов, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Софиа Насевска Трифуновска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Мијатовиќ, Марија Новак и многу други. Васил Христов е режисер, сценарист и монтажер на филмот. Душан Кардалевски е директор на фотографија а како ко-сценаристи се појавуваат и Николина Кујача и Оливер Митковски.
Од 22 ноември филмот ќе биде достапен на редовниот репертоар на „Синеплекс“ и „Милениум“.