Општествено-ангажираниот филм, кој ќе има модерен и урбан пристап, ќе се снима главно во Скопје и на една локација во Куманово, а фокусот на приказната е на трговијата со луѓе и присилната проституција, објаснува режисерот
На 1 октомври во Скопје ќе падне првата клапа на долгометражниот игран филм „Денот на жената“, прв на режисерот Гоце Цветановски. Филмот е по сценарио на Цветановски, а главната улога ќе ја толкува актерката Слаѓана Вујошевиќ. Двајцата претходно имаат соработувано на повеќе проекти, меѓу кои е и видеоспотот на песна на „Феит ноу мор“, а во последните две години и на „Сказните на Биби“.
Општествено-ангажираниот филм, кој ќе има модерен и урбан пристап, ќе се снима главно во Скопје и на една локација во Куманово, најавува режисерот. Директор на фотографијата ќе биде Фејми Даут, кој заедно со Самир Љума доживеа голем успех со филмот „Медена земја“.
„Денот на жената“ е сценарио што Цветановски го напишал уште додека бил на студии во Франција и му било дипломска работа.
Гоце Цветановски (приватна архива)
- На првата верзија работев точно две години (2003 и 2004 година), а ментор ми беше Денис Геџ, познат француски новелист и научник. Имав идеја да направам филм во кој камерманот е главен лик во приказната и целиот филм ќе биде снимен од негова гледна точка. Но, во меѓувреме излегоа неколку други филмови со сличен концепт и сценариото остана заборавено меѓу куп други проекти. Кога во 2015 г. се преселив во Македонија, случајно налетав на сценариото и сфатив дека има потенцијал. Го адаптирав за македонски услови, а го сменив и концептот. Сега фокусот на приказната е на трговијата со луѓе и присилната проституција - вели Цветановски и додава дека идејата на почетокот на проектот била да биде само сценарист, но поради сплет на околности, сепак и ќе го режира.
За изборот на Вујошевиќ, Цветановски вели дека таа е актерка која со секоја нова соработка пријатно го изненадува со својата посветеност, зрелост и талент.
- Нејзината неверојатна моќ за трансформација може да се види во анимираниот серијал „Сказните на Биби“, каде што освен главната хероина Биби глуми уште 15-ина други ликови. Во филмот ќе имате можност да ја видите во малку поинакво светло, наменето за возрасната публика. Пресреќен сум што како артисти на некој начин растеме заедно и се надевам дека со овој филм ќе ни се отворат уште пошироко вратите кон меѓународната филмска индустрија - вели Цветановски.
Улогата на Елени ќе ѝ биде прва главна улога на игран филм на Слаѓана Вујошевиќ, иако, според неа, не постојат големи и мали улоги зашто на сите им приоѓа еднакво посветено.
- Ќе ја толкувам улогата на млада новинарка која е исклучително амбициозна и упорна во својата истрага. Водена од лични конфликти, водена од пркосот кон неправдите и бесот кон системот, Елени е комплексен лик кој отвора многу етички и морални прашања. Целото сценарио е приказна која обработува исклучително тешка тематика, и од психички и од емотивен аспект. Па токму затоа сум пресреќна што Цветановски ми го додели овој предизвик - вели Вујошевиќ.
Слаѓана Вујошевиќ (фото: Мурат Гунери)
Главните машки улоги ги толкуваат актерите од Кумановскиот театар, Муса Исуфи и Исмаил Касуми, кои исто така беа дел од спотот на американската рок-група.
- Муса и Исмаил се опасно добри глумци, двајцата работат во театарот во Куманово. Прилично се познати во регионот, со повеќе кратки и играни филмови во своето портфолио, како и ТВ-серии. Пробите се одвиваат одлично и едвај чекам да падне првата клапа. Многу сум среќен што Фејми Даут прифати да соработуваме. Кога првпат го гледав „Медена земја“ на кино, бев воодушевен од работата на Фејми и Самир Љума, како и од целата екипа. Бидејќи имав замислено „Денот на жената“ да има мешавина од стилизиран и документаристички пристап, веднаш се потрудив да стапам во контакт. Ова се случуваше неколку месеци пред „Медена земја“ да биде кандидиран за „Оскар“ и да испише нови блескави страници во македонската филмска историја. Фејми е прекрасен човек, исклучително талентиран и според она што го гледам во подготовките за снимање, очекувам да ги израдуваме филмските сладокусци со вистински визуелен деликатес - заклучува режисерот.
Фејми Даут со актерот Антонио Бандерас (фото: Приватна архива)
На прашањето дали очекува ковид-протоколите да го забават процесот на снимање на филмот, Цветановски вели:
- На протоколите веќе се навикнавме, а за жал, изгледа ќе мораме уште некое време да живееме и да работиме под маски и на дистанца. Но, желбата за креирање е посилна од стравот, а голем дел од екипата веќе има работено на снимања со ковид-протокол, така што се надевам дека среќата ќе нѐ послужи и дека нема да имаме проблеми со ова ново светско чудо.
Филмот ќе се снима со поддршка на Агенцијата за филм, а се очекува и „Денот на жената“ да добие меѓународна поддршка. Медиумски партнери се: Факултети.мк, Фемина.мк, Сдк.мк и Слободен печат.